Северина и Цеца во Македонија: Ем критикувани, ем распродадени

by Fokus 14:21
14:21

Регионалните музички ѕвезди Северина Којиќ и Цеца Ражнатовиќ во јули ќе имаат свои концерти во Охрид, на стадионот Билјанини извори. Прва, на 27 – ми јули ќе настапи хрватката Северина, а наредната вечер, на 28 – ми јули, концерт ќе одржи Цеца.

Најавата за нивните гостувања ги преплави социјалните мрежи. Според коментарите, очигледно е дека интересот на јавноста е голем, и како за секој нивни поранешен настап кај нас, се бара влезница повеќе. Приказните дека пејат комерцијална и кич музика секогаш паѓаат во вода кога станува збор за нивната посетеност. Добар дел од народот, и покрај тоа што често ги критикува и се оградува од слушање на нивната музика, сепак не може да им одолее кога ни доаѓаат.

- Advertisements -

Токму настапите на Цеца, Северина, Карлеуша, Аца Лукас, Ана Николиќ, Азис и други ѕвезди од соседството се едни од најпосетените кај нас. Полни концертни сали или плоштади се редовна слика кога некој од нив ни доаѓа на настап. Нивната музика, окарактеризирана како турбофолк, е еден вид на мешавина помеѓу фолк и поп жанр. Во своите песни најчесто пеат за несреќни љубовни приказни, оставени и изневерени жени, кои или очајуваат, или пак го возвраќаат ударот. Текстовите на нивните песни за скршени срца и хедонизам, наизуст ги знаат дури и петгодишни деца. За голем дел од младината, па и возрасните, нивната музика е неизоставна терапија и задолжителен дел од лудите ноќни забави.

И додека еминентните музички критичари го опишуваат турбофолкот како феномен на денешницата кој лошо влијае на едукацијата и развојот на младите генерации и ги уништува културата и уметноста, бројот на концертите на овие ѕвезди се повеќе расте кај нас. Ако во минатото доаѓаа на настап еднаш во пет – шест години, денес веќе можат да се пофалат со повеќе концерти годишно. На пример Цеца, лани во октомври пееше во Куманово, пред тоа во март имаше концерт во Скопје, а преклани одржа концерти во Турново, Струмица, Македонска Каменица, Прилеп, Охрид… Секогаш успеваше да привлече десетици илјади публика. Северина пак, лани во септември пееше во Кавадарци, а пред тоа има одржано концерти и во Скопје, Струмица, Берово и други градови во земјава.

Вики Клинчарова

Поврзани новости