Северина ексклузивно за ,,Фокус’’: Жалам што сум искористена во политички цели!

by Fokus

Хрватската музичка ѕвезда Северина, која синоќа, по насилството за време на протестите во Скопје се најде во центарот на вниманието, откако нејзина фотографија од спотот за песната ,,Muškarcu samo treba kurva’’ започна масовно да се споделува на социјалните мрежи, со образложение дека таа е една од девојките кои биле претепани од полицијата, реагира на невистините пласирани пред македонската јавност.

Со соопштение до јавноста, преку ,,Фокус’’ нејзиниот менаџер Томислав Петровиќ појаснува дека фотографијата од Северина била искористена без нејзина дозвола и како станува збор за лага и подметнување.

-Жал ми е што Северина без нејзино знаење и одобрување е искористена во политички цели. Северина овие денови престојува во Хрватска, и не била во Македонија, па затоа било каква поврзаност со неа и нејзиното присуство на одржаниот протест е обична лага и подметнување. Со ова можам да потврдам дека без дозвола е користена нејзина фотографија од видео, од албумот ,,Здраво Марија’’ кој е објавен уште во 2008 година – тврди Петровиќ.


Инаку, фотографијата е од спотот за песната против насилството врз жените. Покрај фотографијата од Северина, на социјалните мрежи се споделија и други фотографии од повредени лица кои што воопшто не биле присутни на протестот, и дури и не живеат во Македонија. Ваквите лажни информации само уште повеќе ги подгреаа тензиите синоќа и предизвикаа говор на омраза и повици за немири на социјалните мрежи. Според МВР, седумнаесет лица, помеѓу кои десет полицајци се повредени во синоќешните насилни протести пред Собранието во Скопје.

Исто така, биле приведени 26 лица кои се однесувале насилно, ја туркале заштитната ограда, фрлале камења и пиротехнички средства кон Собранието и полицискиот кордон и се обиделе насилно да влезат во Собранието на Република Македонија. Помеѓу приведените имало пет малолетници.

Вики Клинчарова

Поврзани новости