Сестрата на Тоше 15 години по ред му прави торта која ја дели со луѓето кои доаѓаат да му запалат свеќа на гробот

by fokus

Дора, постарата сестра на музичката легенда Тоше Проески, денес објави фотографија од роденденската торта која ја направила по повод неговиот 42-ри роденден.

Веќе 15-та година, откако Тоше не е помеѓу живите, таа на денот на неговото раѓање прави торта со одредена симболика, и како што има изјавено во минатото, ја носи на неговиот гроб, да ја подели со луѓето кои доаѓаат да му запалат свеќа.

Популарниот музичар и голем хуманитарец го загуби животот во сообраќајна несреќа на 16-ти октомври, 2007 година, кога имаше само 26 години.

Неговите родители Доминика и Никола и сестрата Дора, и по сите изминати години живеат повлечен живот, подалеку од очите на јавноста.

Кога пред пет години во Скопје се одржа голем концерт во негова чест, на кој настапи и внукот на Тоше, односно синот на Дора, Кристијан Ристески, родителите на Тоше не дојдоа на настанот. Сопругот на Дора, нивниот зет Славен тогаш за ,,Фокус” раскажа дека на Доминика и Никола им е премногу тешко и иако на концертот пеел нивниот внук, немале сили да присуствуваат.

-Годините кои минуваат не можат да им ја ублажат болката по изгубениот син – ни изјави тогаш Ристески.

И Дора не крие дека годините не помогнале да се намали болката по братот, и многу често објавува негови фотографии и цитати во кои спомнува за загубата.

Во постаро интервју таа откри дека веста за смртта на Тоше ја дознала на улица, откако додека била на работа и се јавиле пријатели и и рекле итно да оди кај мајка и. Таа веднаш тргнала, не знаејќи за што се работи, а сите кои ја сретнувале по пат гледале во неа и плачеле. Тогаш некој човек и кажал дека Тоше починал.

Вики Клинчарова

Поврзани новости