Откриена мувла во чоколадото „Банат“ на Свислајон-Таково кое се извезува и во Македонија

by fokus

Инспекцијата во Србија повлече од пазарот 4,3 тони од млечното чоколадо „Банат“, поради откриена мувла.

При редовна инспекција во магацините на фирмата „Банат 1894“ Д.О.О. од Вршац, која работи во рамките на „Свислајон-Таково“, инспекторите открија мувла, поради што и наложија на компанијата да ја повлече целата серија на млечното чоколадо (со висока содржина на млеко) „Оригинал Банат“ во пакување од 90 грама.

– Дел од оваа серија на чоколадото „Банат“ е извезен и во Македонија, изјави Ненад Вујовиќ, началник на земјоделската инспекција која ја откри оваа неправилност при контрола во магацините на фирмата.

Инспекцијата констатирала дека откриената мувла во чоколадото, т.е. нехигиенската неисправност на производот се должи на долгиот период на складирање во магацините.

Како што стои на сајтот на компанијата „Свислајон-Таково“, чоколадото е повлечено поради откриени отстапувања во однос на референтните вредности пропишани со правилникот.

Компанијата во соработка со Министерството за замјоделство ги информира потрошувачите кои ја купиле оваа серија на чоколадото дека можат истата да ја вратат на производителот заради замена.

Компанијата „Свислајон“ е во сопственост на Родољуб Драшковиќ, кој фабриката за чоколади „Банат“ од Вршац ја купи минатата година од фирмата „Бамби“ од Пожаревац.

Оваа фабрика месечно произведува околу 2.000 тони чоколадо, од кои 60 проценти се пласираат на извозните пазари, меѓу кои и во Македонија.

Медиумите во Србија потсетуваат дека „Свислајон“ во ноември минатата година беше во центарот на скандалот околу спорните каши за деца „Јувитана“.

Поврзани новости