Андонов: Ја прашуваме МВР, а ни одговара СДС

by fokus

МВР продолжува да молчи и да не ги расчистува очигледните изборни нерегуларности. СДС одговара во името на МВР. Очигледно е дека СДС ја претвори државата во партија, а партијата во држава штом наместо МВР, СДС одговара за прашања кои се исклучиво во надлежност на Министерството и се однесуваат на професионалното и законско постапување во насока на обезбедување на лична и јавна сигурност на граѓаните, изјави Оливер Андонов од ВМРО-ДПМНЕ.

„Министерот за внатрешни работи Спасовски, постапува исклучиво како потпретседател на СДС и преку партиски соопштенија се обидува да го сокрие изборниот криминал. Со ова потполно се потврдува фактот дека МВР целосно се злоупотребува и става во политичка функција за потребите на СДС и го помага изборниот криминал. Спасовски досега не направи ништо за да се приведат криминалците и активисти на СДС кои со пиштоли се закануваа на брачниот пар од Демир Капија. Спасовски не презема мерки за да се приведат криминалците од Шуто Оризари кои пред група луѓе на партиски собир на СДС пукаа од огнено оружје“, рече Андонов.

Впрочем, додаде тој, СДС се врати на познатите нивни методи на владеење од 1994 година кога имавме нерасчистени убиства, атентати, исчезнување на дрога од депо на МВР и секаков вид на криминал, како и изборни нерегуларности преку кои тогашното СДС ја окупираше државата и го уништуваше македонското општество.

„Почитувани граѓани, ВМРО-ДПМНЕ ги повикува ОБСЕ и ОДИХР многу поактивно да вложат напори, да бидат вистински набљудувачи, да ги забележат и да ги осудат сите вакви појави на изборен криминал.  За сите вакви изборни криминали, документирани насилства, закани, притисоци, поткупи или уцени одговорност ќе има за сите извршители и нивните нарачатели“, рече Андонов.

 

Поврзани новости