Сенат: Судењето за отповикување на Трамп е уставно

by Fokus

Американските сенатори со 56 гласови „за“ одлучија во Горниот дом од Конгресот да се одржи судење за отповикување на поранешниот претседател Доналд Трамп по обвинувањата дека поттикнувал бунт, што резултираше со упад на неговите приврзаници во Конгресот.

„Против“ се изјаснија 44 сенатори. Сенатот потврдно се изјасни за аргуменотот на демократите дека процесот на судење е во согласнос со Уставот на САД.

Историското второ судење на Трамп, по обвинувањето дека поттикнувал бунт почна вчера со прикажување на видео снимка од насилството на 6 јануари на Капитол хил.

Демократскиот конгресмен Џејми Раскин и уште осум негови колеги од Претставничкиот дом го водат процесот за отповикување.

– Ако Сенатот не му суди на Трамп ризикуваме 6 јануари да стане наша иднина, истакна Раскин.

Додека адвокатот на поранешниот претседател, Брус Кастор истакна дека судењето е неуставно и оти се одржува само со цел да се спречи Трамп повторно да се кандидира.

– Овде сме бидејќи мнозинството во Претставничкиот дом не сака Доналд Трамп да биде политички ривал во иднина. Тоа е вистинската причина зошто сме овде, истакна Кастор.

Тој додаде дека Трамп го користел правото на слобода на говор кога се обратил на приврзаниците пред нападот врз Конгресот и оти не може да се казнуваат луѓето поради политички говори.

Во Сенатот демократите и републиканците имаат по 50 места, а резултатот од гласањето покажува дека најмалку шест републиканци гласале дека судењето е во согласност со Уставот на САД. Двете страни имаат по 16 часа да ги изнесат своите аргументи. За да биде отповикан Трамп потребно е двотретинско мнозинство во Сенатот односно 67 гласови.

Поврзани новости