СЕММ: Ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите

by Fokus

Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ), во пресрет на најавените измени на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, денеска соопшти дека цврсто останува на ставот дека е потребно да се елиминира какво било влијание на државата врз процесот на саморегулација во медиумите.

Во соопштението на СЕММ, се наведува дека ефикасното функционирање на саморегулацијата во медиумите исклучува каков било облик на сместување на професионалните новинарски стандарди во законската рамка и воведување санкции кон медиумите за нивното непочитување.

– Кога станува збор за етичкото и професионално известување ниту една влада и политичка партија не треба да одлучуваат во име на медиумите. Во таа насока, СЕММ се спротивставува на Предлог -измените на членот 61 во Нацрт-законот за изменување и дополнување на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, кој се однесува на начелата и стандардите во работата на радиодифузерите, како и на измените во член 145 со кои се предлага изрекување казни доколку професионалните стандарди не се почитуваат, се наведува во соопштението.

Во околности во кои саморегулацијата во медиумите во државата постепено започна да се прифаќа и се повеќе да се поддржува работата на Советот за етика во медиумите, се посочува во текстот, поставувањето какви било препреки од страна на Владата на тој пат и маргинализирањето на работата на Советот ќе резултира со намалување на одговорноста кај самите медиуми и поддршка на праксата на цензура и самоцензура.

 

Поврзани новости