Семејството на Јохан примало по 5.000 евра од државата, Тарчуловска тврди дека парите се трошеле за сместување и пат во Хаг

by Fokus 18:04
18:04

Откако денес во некои портали беше објавен документ, според кој сопругата на Јохан Тарчуловски, кандидат за градоначалник на Кисела Вода од ВМРО ДПМНЕ и поранешен Хашки затвореник, добивала по 5.000 евра месечно од државата, во времето додека тој беше во затвор поради воени злосторства за случајот Љуботен, се огласи и поранешната фолк пејачка.

Имено, според објавениот документ, во кој е наведено дека се работи за одлука потпишана од заменикот на претседателот на Владата на Република Македонија Владимир Пешевски, на седница на Владата на Република Македонија одржана на 22.02.2011 година е донесена Одлука за одобрување на средства од Резервите на Буџетот на Република Македонија за 2011 година во висина од 3.690.000,00 денари како парична помош за семејството на Јохан.

- Advertising -

Согласно Одлуката, оваа сума ќе се исплаќа по 5000 ЕВРА, месечно во денарска противвредност по средниот курс на Народна банка на Република Македониjа на денот на исплатата за периодот, 01.01.2011-31.12.2011 година. Не беше познато дали оваа одлука се однесувала само на 2011 година, или пак семејството Тарчуловски добивало парична помош во тек на сите осум години кои Јохан ги помина во затвор, но Соња потврди дека сумата од 5.000 евра месечно ја добивале во тек на сите години.

Во отворено писмо до јавноста, таа појасни дека парите ги трошела за пат и сместување додека одела на посета кај Јохан во Хаг, (иако не одела во Хаг секој месец, како што тврди), но и ги демантираше гласините кои се актулени со години, дека таа всушност не паднала од терасата, туку Јохан при семејна кавга ја фрлил.

,,Кој ви рече дека некој бега да одговори на прашањето за надоместокот за трошоците околу патувањата во Хаг каде што бевме предадени и обвинети. Каде побаравте одговор? Одговорот требаше да го побарате кај мене, Соња Тарчуловска. Еве јас ќе ви кажам. Во периодот од 8 години додека Јохан Тарчуловски лежеше во затвор за Македонија, секој месец Државата ни исплатуваше надомест од 5000 евра. Душегрижници прочитајте добро. Еве Ви ја пресметката: Јас Соња Тарчуловска, Мелани и мајката на Јохан Авионскиот билет чинеше 800 евра х 3= 2400 евра Најефтиниот хотел во Хаг чинеше 150 евра од вечер за тројца по 7 дена = 1050 евра Транспортот од хотелот до затворот во два правци чинеше 40 евра = 280 евра Секој месец по 1000 евра префрлувавме на сметка во затворот за исхрана и телефонски картички. Сето тоа вкупно изнесува 4730 евра. Со останатиот дел од 270 евра, Јас и нашите деца преживувавме месечно во Скопје. Ова воопшто не е правдање и немам намера никому да се правдам, но бидејки Јас и моето семејство бевме повикани и оцрнети, наводно сме се богателе од државна сметка, не дозволувам!Не можете да не оцрните, знаете ли зошто? Затоа што Нас не можеше да не скрши и оцрни ни затворот, а камоли вие. Нас не не раздели ниту душманот. Не можете да ги оцрнете и скршите нашите деца затоа што растеа без татко додека вие ги гледавте вашите секојдневно.

Со ниедна изјава не успеавте и нема да успеете мене како сопруга и мајка да ме омаловажите дека сум неморална. А да не заборавам да одговорам на сите оние кои беа загрижени дека мојот сопруг ме фрлил од тераса. Само едно ке ви кажам: НЕ ЈОХАН НЕ МЕ ФРЛИ ОД ТЕРАСА ! Може да сонувате да имате брак како нашиот и никогаш не би се избориле со искушенијата низ кои поминавме Ние. Ова е мое прво обраќање после 5 години. Верувајте ниту една детсаа солза, не вреди за никакви пари. Ниту една изгубена младост не вреди за ниедни пари. Ниту една празнина и страв не се надополнуваат со пари.За крај ние не предадовме НИКОГО, нас не предадоа,, – се вели во отвореното писмо на Тарчуловска.

Нејзниот сопруг беше осуден на 12 години затвор поради воени злосторства во Хаг за случајот Љуботен, настан од воениот конфликт во 2001 година, каде што беа убиени неколкумина цивили, а според пресудата од Хашкиот трибунал, акцијата ја планирал и ја спровел токму Тарчуловски. Потоа, казната му беше намалена на осум години, од кои шест години помина во Шевенинген, а останатиот дел го одлежа во германскиот затвор Диез. Во Скопје се врати во 2013 година.

Јохан Тарчуловски заедно со пратениците Крсто Мукоски и Сашо Василевски ги отвори враите на Собранието за време на крвавиот четврток, и ја пушти толпата да влезе внатре. Од тогаш, тројцата се спомнуваат во јавноста како вратарите на крвавиот настан.

Вики Клинчарова
 

Поврзани новости