Семејството Димитриови се уште живее под стрес: Професорот „бомбардер“ го игнорира судот

by fokus 10:53
10:53

Професорот ,,бомбардер’’ од Кавадарци, кој што цели четири години го малтретираше семејството Димитриови, фрлајќи со молотови коктели врз нивниот дом, не се појави на судењето во Основниот суд во Кавадарци.

Марина Димитриова, чиј што син и сопруг го фатија на дело Т.Т. (51) откако при крајот на јануари по којзнае кој пат фрлил тегла полна со прегорено масло врз нивниот дом, вели дека дрскоста на напаѓачот нема крај. Тој не само што не се појавил на судењето и не доставил известување околу причината за отсуството, туку дури тој ден си го поминал релаксирано на работа, во една од кавадаречките гимназии, каде што предава.

- Advertisements -

,,Се изнадававме пари за адвокати и тужби. Досега плативме над 30.000 денари, но работата стои во место. Професорот не се појави на суд, а ученици во гимназијата ни потврдија дека тој ден бил на работа. Не дојде ниту неговиот адвокат. Ако можевме јас и мојот сопруг да земеме слободен ден од работа, не гледам зошто и тој не го сторил истото. Нема чувство ниту за одговорност, ниту пак почит кон судот. Судијката го одложи судењето за седми април, но јас не верувам дека тој и тогаш ќе се појави, а секое рочиште не чини пари’’ – раскажува Марина.

Таа додава дека сеуште се под голем стрес од настаните и во очекување на проценителите за штетата која што е предизвикана во нивниот дом, односно оштетената фасада, плочки, автомобил, но и дел од внатрешноста на куќата, каде што ,,бомбардерот’’ фрлал тегли и шишиња со масло.

,,За да биде целата работа уште полоша, добивме кривична пријава за нарушување на јавниот ред и мир, бидејќи во моментот кога син ми и сопругот го фатија професорот на дело, во обид да го задржат и да му ги симнат капата и шалот со кои што бил маскиран, помеѓу нив дојде до физичка пресметка, односно меѓусебно туркање и влечење, а при тоа професорот се обиде со голи раце да го задави син ми.

Не ми е јасно како е тоа можно. Четири години живеевме во страв и неизвесност, над 100 литри прегорено масло, кое што е опасно за околината се истури врз нашиот дом, целата куќа и двор ни се сеуште со црнила, и кога конечно го фативме и дознавме кој стои зад агонијата низ која што минавме, сега уште треба да се занимаваме и со вакви процедури и моето дете да добива кривични пријави’’ – вели кавадарчанката.

 

Професорот на работа

Потенцира дека е вознемирена поради фактот што човекот работи со деца, секојдневно е во контакт со нив, и покрај тоа што признал и во полиција дека го сторил делото.

,,Апелирам до нашето правосудство побргу да се заврши работата, затоа што веќе со години патиме од неделата на овој човек. Според мене, тој е опасен за околината, како поинаку да го опишам? Ниту некогаш сме си размениле збор, ниту сме биле во контакт,ниту пак живее во наша близина. Не знам дали воопшто се превзело нешто околу случајот и кај него на работа, дали воопшто се разговарало со него, оти ова да се случеше во некоја развиена земја, секако дека немаше повеќе да му биде дозолено да има пристап во гимназијата, покрај децата.

Ноќта кога го фативме, пред полиција се правдаше дека фрлал со молотови коктели бидејќи му сметал нашиот пес, но тоа се само празни изговори, оти песот е врзан во дворот, и никогаш слободно не шетал надвор. Напротив, соседите имаат кучиња кои што слободно шетаат по улицата, но никогаш никому не сметале, бидејќи се работи за мали и мирни кучиња. Тоа беше неговиот наводен мотив пред полициските службеници, но на мојот сопруг јасно му кажа дека тоа го правел бидејќи сме му сметале во животот. Не знам ниту зошто, ниту како му сметаме, оти не сме во никаков контакт со него. И покрај сите стресови, сега како капак на се ни дојде ова негово игнорирање на судот. Како да сака да порача дека никој ништо не му може’’ – вели Димитриова.

Таа потсетува дека и во дворот на нивни соседи пред повеќе години некој фрлал тегли со молотови коктели, па кога правеле свадба, оставиле некој од роднините да дежура дома, во случај ,,бомбардерот’’ пак да не им фрли масло.

„Според наша слободна проценка, штетата која што е направена врз нашиот имот изнесува над 10.000 евра. Треба да се обнови фасадата, плочките, целата тераса, дел од внатрешноста каде што беа фрлени теглите… Уништени се двата ката на куќата, црното масло е навлезено длабоко. А за предизвиканиот стрес и за агонијата низ која што минавме, не знам кој и како ќе процени колку сме оштетени, оти ние цели четири години немавме мир и се вртевме кога одиме по улица, плашејќи се да не бидеме нападнати од тогаш сеуште непознатиот „бомбардер“.

Кога вие од „Фокус“ известивте за настанот, добивме поддршка од целиот град, луѓето се чудеа како е можно таков човек да работи како професор. Но, секое чудо за три дена. Народот полека заборава на случката, а тој очигледно си го живее животот како ништо да не се случило. Пред некоја недела случајно го сретнал мојот сопруг пред гимназијата, се шегувал со колегите, насмеан, со исправена глава. Затоа сакам јавноста да не го заборави неговото дело и будно да ги следи деталите од судењето. За сите да дознаат дали конечно ќе има правда и дали тој ќе биде соодветно казнет’’ – изјави Марина.

Вики Клинчарова

Поврзани новости