Семејството чии дечиња загинаа во пожар доби социјален стан во Велес, потребна е покуќнина

by fokus

Марина и Никола од Велес, родители на трите малолетни дечиња кои во месец јуни изгореа во пожар во нивниот дом, еднособна колиба без струја и вода на ридот Вршник, добија на користење стан од државата. Станува збор за двособен стан во зграда во комплекс за лица со ниски примања во Велес, во населбата Тунел.

Заедно со нив живее и нивниот постар син Стефан, кој е полнолетен, а за кого градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, набргу по пожарот ни изјави дека ќе добие вработување во градското комунално претпријатие. Но, и покрај тоа што им се решило станбеното прашање, семејството имало потреба од покуќнина, бидејќи изгубиле се во пожарот.

Трагедијата на ова семејство ја потресе целата јавност. Марина и Никола една година пред да се случи пожарот барале кров над главата од Центарот за социјална работа во Велес. Таткото уште тогаш поднел барање до комисијата за станбени прашања, но наводно биле одбиени бидејќи тој имал имот од неговата мајка.

-Уште лани родителите бараа помош од нас, бидејќи сакаа да се преселат од тогашното живеалиште во социјален стан. Ни кажаа дека имале проблеми со поранешниот сопруг на Марина. Ние им доделивме еднократна парична помош, а тие користат социјална помош од некаде кон крајот на минатата година. Информирани сме дека поднеле барање до комисијата за станбени прашања, но таткото ни кажа дека биле одбиени оти имал некој наследен имот од неговата мајка која е почината. Им понудивме помош во храна, во народната кујна, но одбија, ни кажаа дека сакаат единствено кров над главата- ни изјави Азиза Буши, директорка на Центарот за социјални работи Велес, веднаш по трагедијата.

-Социјалните служби го имаа посетено семејството, беа запознати со условите во кои живеат. Тие бараа струја и вода и им беше ветено од општината дека ќе ги добијат. Зошто не ги добиле, тоа не знаеме – тврдеше тогаш директорката.

Во јавноста следуваа многу бурни реакции по настанот, и се поставуваше прашањето како и зошто се дозволило три малолетни деца да живеат во такво опкружување, без основни услови за живот, во мала соба без струја и вода на ридот, опркужена со шунд, пластични шишиња и расфрлан стар и искршен мебел.

-Со сегашниот систем одговорноста на социјалните работници завршува со исплата на одредени социјални права. Ваквата огромна трагедија е уште еден доказ дека е потребна промена на системот на социјална заштита, нешто на кое оваа Влада работи. Системот на социјална заштита е поставен да трасферира пари кон граѓаните и тука да заврши приказната. Согласно новиот закон што го работиме и треба да се применува од 2019 ќе има поголем трансфер на пари, но и подобра грижа од социјалните работници кои ќе ги следат случаите ќе ги управуваат за тие да се издигнат над проблемите – изјави по трагедијата Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика.

Вики Клинчарова

Поврзани новости