Семејството чии дечиња изгореа, уште лани молело за кров над глава: Социјалните станови – сон за сиромашните!

by fokus 18:38
18:38

Родителите на трите дечиња кои вчера изгореа во страотен пожар во нивниот дом во Велес, Марина Антониевска и Никола Давчевски, уште минатата година се обратиле до Центарот за социјална работа во Велес и побарале кров над главата.
Дознаваме дека таткото поднел барање до комисијата за станбени прашања минатата година, но наводно биле одбиени бидејќи тој имал имот од неговата мајка.

,,Фокус’’ разговараше со Азиза Буши, директорка на Центарот за социјални работи Велес, која ни потврди дека семејството имало проблем со сместувањето.

- Advertisements -

-Уште лани родителите бараа помош од нас, бидејќи сакаа да се преселат од тогашното живеалиште во социјален стан. Ни кажаа дека имале проблеми со поранешниот сопруг на Марина. Ние им доделивме еднократна парична помош, а тие користат социјална помош од некаде кон крајот на минатата година. Информирани сме дека поднеле барање до комисијата за станбени прашања, но таткото ни кажа дека биле одбиени оти имал некој наследен имот од неговата мајка која е почината. Им понудивме помош во храна, во народната кујна, но одбија, ни кажаа дека сакаат единствено кров над главата – раскажува Буши.

Таа додава дека социјалните служби знаеле каде и во какви услови живее семејството со трите мали деца и со постариот син на Марина. Вели дека уште лани им понудиле да им најдат стан или куќа и да им плаќаат кирија, но семејството одбило, бидејќи наводно сакале да живеат подалеку од градот.

-Социјалните служби го имаа посетено семејството, беа запознати со условите во кои живеат. Тие бараа струја и вода и им беше ветено од општината дека ќе ги добијат. Зошто не ги добиле, тоа не знаеме – вели директорката.
Семејството чии дечиња вчера изгореа, живеело во соба, изградена во дол на ридот Вршник, без основни услови за живот, без струја и вода, со пластични шишиња, шунд и стар мебел расфрлан околу собата која им била дом.
Околу тоа како се дозволило деца да живеат во такво опркужување, без основни услови за нормален живот, директорката вели дека сториле се што е во нивна можност. За тоа, во каква здравствена состојба се родителите, Буши вели дека мајката имала мали ограничувања во психичкиот развој.

-Цел ден сме во разговори со сите надлежни институции и се трудиме да изнајдеме решение за станбеното прашање на семејството. Додека разговаравме денес, тие ни кажаа дека се согласуваат да бидат сместени во стан или куќа во Велес под кирија. Колку што сме информирани, сите социјални станови во градот биле зафатени, но се бара решение – тврди Буши.

Уште пред четири години, тогашната влада донесе одлука за продажба на околу 150 социјални станови кои се наоѓаат на периферијата од градот. Сепак, дознаваме дека цената за метар квадратен била превисока за семејствата од социјален ризик, и речиси сите станови останале непродадени, а повеќето станари се одлучиле да продолжат да плаќаат месечна кирија за нив.

Неофицијално, киријата се движела од 2.000 до 4.000 денари, додека становите се продавале по цена од 470 до 600 евра за метар квадратен.
И покрај социјалните станови, велешани тврдат дека има голем број на сиромашни семејства кои живеат во таканаречените диви населби, без основни услови за живот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости