Сем Вакнин за „Фајненшл Тајмс“: Груевски ја турка опозицијата кон „украинско сценарио“!

by Фокус 12:02
12:02

Откако во воведниот дел од нивната денешна статија новинарите на „Фајненшл тајмс“ ги наведуваат резултатите од изборите и распоредот на силите во новиот состав на македонскиот парламент, забележувајќи дека ВМРО-ДПМНЕ најверојатно ќе остане во коалиција со ДУИ, како и дека лидерот на опозицијата Зоран Заев ги отфрли изборните резултати и пред да започне броењето на гласовите во неделата вечер, тие ја пренесуваат изјавата на аналитичарот Сем Вакнин кој критички се осврнува на причините за и последиците од изборниот успех на партијата на премиерот Груевски.

– Со исклучувањето на опозицијата, потиснувањето на слободата на информирање, и смалувањето на улогата на претседателот, парламентот и на судската власт, Груевски ја турка опозицијата кон украинско сценарио. Политиката на улицата може да го замени политичкиот дијалог во рамките на демократски институции, добиени преку фер избори – вели Сем Вакнин, кој воедно е и главен уредник на веб сајтот globalpolitician.com.

- Advertisements -

Весникот наведува и дека според западните набљудувачи во Скопје, „владејачката партија ја црпи својата моќ врз основа на системот на полтронство, давајќи им работни места и тендери на нејзините членови и поддржувачи, истовремено уништувајќи ги фирмите кои имаат врски со опозицијата преку истраги за наводни даночни и регулаторни прекршоци“

Понатаму, во текстот се наведува и дека медиумите се ставаат под притисок доколку се критички настроени кон власта, и дека поради таквата состојба, Македонија го зазеде 123-то место од вкупно 179 држави во најновото рангирање на организацијата „Репортери без граници“, огромен пад од 34-то место што го заземаше во 2009-та година на иста листа.

Откако ќе го пофали премиерот за неколкуте привлечени странски инвестиции кои помогнаа да се постигне економски раст од три отсто годинава, како и за најавените над 2.000 нови владини проекти кои се очекува да ја намалат стапката на невработеност која се движи околу 28 отсто и е една од највисоките во регионот, „Фајненшл тајмс“ ги пренесеува и ставовите на економските аналитичари кои се скептични за одржливоста на економскиот раст во наредните години.

– Оваа година може да се покаже како пробна… растот од три отсто ќе треба да се покаже како одржлив во наредниве години, под претпоставка дека ќе продолжи економското заздравување во регионот и во ЕУ, но сѐ над тоа е премногу оптимистички да се очекува – изјавува за „Фајненшл тајмс“ Владимир Глигоров, економист од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања.

Текстот во угледниот британски весник завршува со предупредувањето на скептичниот аналитичар Сем Вакнин кој смета дека „економскиот раст се храни со владината потрошувачка која пак се финансира со нови задолжувања, често за непродуктивни градежни проекти, како и со девизните дознаки од Македонците што работат во странство кои учествуваат со дури 15 отсто во вкупниот БДП“.

Поврзани новости