Селекторот Ангеловски: Конечно имаме врвна селекција, Елмас ќе ја освои Златната топка

by fokus

Македонската фудбалска селекција во последните неколку месеци бележи одлични резултати и сосема заслужено избори полуфинале во Лигата на нации. Противник на нашиот тим ќе биде екипата на Косово, а од нашиот табор веруваат во позитивен резултат.

Селекторот Игор Ангеловски-Мрме ја презеде нашата фудбалска селекција пред четири години, откако претходно со успех го водеше прволигашот Работнички. За овој период е забележлив „скок“ од 70  места на ФИФА ранг-листата и освојувањето на високото трето место во квалификациите.

Во разговор за „Фокус“, тој меѓу другото, говори за кам-бекот на Пандев, за новите фудбалски надежи и работата на младинските школи во клубовите.

Како што вели Ангеловски, доколку Македонија сака добар резултат и влез во финале, ќе мора да го даде својот максимум на теренот.

„Ќе почнеме веќе детално да ја анализираме селекцијата на Косово. Според прикажаното во квалификациите, се работи за добар противник, но јас верувам во своите фудбалери. Играме на домашен терен, така што очекувам полн стадион и голема поддршка од трибините и сите заедно да прославиме една победа која ќе не пласира во финалето. Во денешно време, кога имате пристап до интернет, скаутинг-системите што ги поседуваме, можеме да имаме јасна слика за секоја селекција. Косово има квалитетни поединци, но мошне добро изгледаат како тим. Ние мора да бидеме во наше најдобро издание и на тој меч мора да настапиме силни како тим. Ако тој натпревар го одиграме како сите претходно во овој циклус, мислам дека нема да имаме проблеми за да стасаме до финалето“, вели Ангеловски.

Селекторот Ангеловски од 2015 е на кормилото на националниот тим и во последните две години, успеа да ги намести коцките и да го состави тимот кој бележи одлични резултати. Според него, пред репрезентацијата претстои уште работа, но е задоволен од досега прикажаното.

„Се  што планиравме, ние остваривме. Кажав дека ќе се направи тим склопен од младост и искуство, кој долги години ќе игра заедно. Среќен сум за резултатите, но заслугите одат кај фудбалерите. Тие со својот однос, со играта и резултатите што ги прикажаа, заслужуваат да се најдат на европско првенство. Можеби во другите спортови тоа е можно, но во фудбалот не може да очекувате инстант успех. Мора да сме свесни дека ние со какви репрезентации се соочуваме. Националниот тим е најдоброто од една држава. Замислете, ние сме во конкуренција со Шпанија, Италија, Австрија, Полска. Знаеме во какви клубови играат нивните репрезентативци, на кое ниво на натпреварување се клубовите. Ние за две ипол години успеавме да победуваме репрезентации од типот на Словенија, Израел и други селекции, кои во блиско минато беа над нашиот квалитет. Оваа е најдобрата репрезентација во историјата, но уште ништо големо не сме направиле“, додава Мрме.

Враќањето на Горан Пандев следеше и со поставувањето на Ангеловски за селектор на фудбалската репрезентација. Мрме кратко раскажа како оделе преговорите за кам-бек на струмичанецот во нашата селекција.

„Горан си имаше свои причини кои на јавноста и ги кажа. Тој не беше задоволен од се што се случуваше во репрезентацијата. Јас првиот работен како селектор сакав да го поминам во негово друштво. Се договоривме да се видиме во Џенова. Му ги кажав моите планови за репрезентацијата. Му кажав дека мора да биде во репрезентацијата, затоа што тој е најголемиот фудбалер во историјата на Македонија. Таа идеја му се допадна. Но, мислам дека Пандев е недоволно почитуван, затоа што знам како го почитуваат во Италија, а тука во Македонија ќе се појави некој кој ќе каже лошо нешто за него. Тој со резултатите ја задолжи Македонија и е еден од нашите најдобри амбасадори заедно со Антиќ, Кире Лазаров. Тој е лидер на оваа репрезентација и сите фудбалери се чувствуваат многу послободно со него. Пандев е лидер и со односот, знае со секого да поразговара, да додели совет, не дели никого дали е млад или стар и самото присуство заедно со квалитетот кој го поседува и овие млади фудбалери кои дојдоа, успеавме да направиме една репрезентација со која Македонија се гордее. Јас мислам дека Пандев може уште многу да игра. Настапува квалитетно за Македонија, во Серија А и годините за него се само бројка“, смета селекторот.

Македонија не може да се пофали со преголема посетеност на стадионите за време на репрезентативните натпревари, но Ангеловски смета дека навивачите препознале дека нашиот тим игра квалитетно и се почесто доаѓаат на трибини и се голема поддршка.

„Навивачите веќе знаат дека Македонија игра добар фудбал и дека со игра се спротивставуваме. Доминираме на натпреварите и ме радува кога стадионот е полн. Се случува и да го изгубиш натпреварот, но публиката да те награди со аплауз. Квалитетот е веќе евидентен и никој не може да го негира тоа“, порача Ангеловски.

Дел од спортската јавност во Македонија, често покрај пофалби, упатува и критики на сметка на селекторот Ангеловски, кои се најгласни особено при пораз. Како што истакна Ангеловски, тој има попаметна работа од тоа да следи кој што кажал на социјалните мрежи.

„Јас сум јавна личност, работам јавна професија и секој може да си го даде своето мислење. Не ги следам толку социјалните мрежи и имам попаметни работи од тоа да гледам кој што кажал. Што се однесува до погрдните зборови, тоа е и нивото на култура и воспитување што одреден човек го има“, вели Ангеловски.

Некогашниот репрезентативец Адис Јаховиќ игра одлично во турската лига и досега има запишано девет погодоци на 12 натпревари. Често се поставува прашањето зошто тој не игра за нашата репрезентација. Ангеловски  вели дека токму Јаховиќ е тој што се откажал од националниот дрес.

„Тој после мечот со Лихтенштајн даде изјава дека не сака да настапува за Македонија. Претходно разговараше со мене и јас му кажав дека таа негова одлука не е исправна. Кога некој ќе даде таква изјава, треба да стои зад тоа и ние нема што да се разубедуваме. Фудбалерите не играат, ниту за селектор, ниту за претседател, тие играат за Македонија. Јас ја почитувам таа негова одлука и му благодарам за се што има направено за репрезентацијата“, посочи кормиларот на „црвено-жолтите“.

Во изминатите четири години, откако Мрме е селектор, Македонија одигра одлични натпревари, а во сеќавање ќе му остане  ремито со Италија на гостински терен во Торино.

„Мечот во Торино со Италија ќе остане како еден од најдобрите наши натпревари. Против четирикратен светски првак на негов терен одигравме врвно ,а требаше и да победиме. Фудбалерите не беа свесни дека игравме против една таква светска велесила како Италија. За паметење  е и натпреварот  во Скопје со Италија, кога  водевме се до  до 80-та минута, но  за жал, во 93-та минута  го загубивме. И таму мислам дека бевме поквалитетен противник“, вели тој.

Ангеловски вели дека почетокот од неговиот ангажман во селекцијата бил тежок, но бил сигурен дека резултатите ќе дојдат со тек на време.

„Јас на почетокот од мојот ангажман како селектор не можев да сметам на сите фудбалери. Но, мене ми беше јасно веќе после првите три натпревари, резултатите кога-тогаш ќе дојдат. Тоа беа несреќни изгубени натпревари. Со Албанија изгубивме во 93-та минута, во меч кој се играше два дена и не знам кога ќе се случи да се повтори такво нешто во фудбалот. На домашен терен со Израел не реализиравме пенал во 93-та минута за 2-2. Со тек на време се подобрија резултатите, скокнавме на ранг листата и конечно селекцијата бележи добри резултати“, порача Ангеловски.

Некогашниот стратег на Работнички вели дека ужива што работи со ваков тим, кој функционира како едно семејство.

„Феноменална атмосфера имаме кога тренираме со националниот тим. Среќен сум што работам со такви фудбалери. Јас од старт кажав дека фудбалерите се најважни од се и мора да бидат почитувани. Нашата репрезентација сега е едно семејство, живееме сите сложно, заедно ги делиме и победите и поразите“, додава селекторот.

Селекторот Ангеловски уште како тренер на Работнички  го „фрли во оган“, тогаш 16-годишниот Елиф Елмас, кој сега настапува за калчолигашот Наполи. Ангеловски низ  насмевка  раскажа како Висар Ганиу, кој тогаш беше во стручниот штаб на тимот, се исплашил кога Елмас дебитирал на мечот со Шпанија.

„Елмас е едно прекрасно момче. Јас ја имав таа среќа на 16 години да го ставам да дебитира во првиот тим на Работнички. На 17 години дебитираше за македонската репрезентација против Шпанија. На 2-0 против Шпанија, го повикав Елмас и му кажав дека ќе влезе во второ полувреме. Висар Ганиу, кој тогаш беше во репрезентацијата, во него си помислил „леле што прави селекторот сега“. Елиф влезе во второ полувреме и почна да ги дрибла и Иниеста, Бускетс  и сите останати. После тоа, Висар ми рече дека се исплашил поради мојот храбар потег. За наша среќа, за две години добивме фудбалер кој е во Наполи. Јас знам а и тој верува дека еден ден ќе биде во Реал Мадрид и ќе ја освои Златната топка. Јас само му посакувам да успее во тоа. Со Елмас имам одличен однос, но интересно е тоа што неговиот татко служел војска кај мојот татко, кој беше воено лице. Кога таткото на Елмас дозна дека служел војска кај мојот татко, беше многу емотивен момент . Знам дека Елмас потекнува од една еснафска фамилија, со вистински вредности“, вели тренерот на А-селекцијата.

Македонската селекција ќе имаше уште еден фудбалски бисер во своите редови, само доколку Дејан Кулушевски, кој има македонско потекло, но е роден во Шведска, прифатеше да игра за националниот тим.

„Пред три години, јас и екс-претседателот на ФФМ, Илчо Ѓорѓијоски, седнавме на заедничка  маса со Дејан и со неговиот татко.Му гарантирав  дека ќе биде повикан  во А-репрезентација со неговите 16 години. Тогаш Дејан ни побара време да размисли, затоа што е роден во Шведска. Кога потпиша во Аталанта,  повторно разговарав и му кажав дека сакам да го повикам во репрезентацијата, но тогаш децидно ми кажа дека ја избрал Шведска. Последниот разговор беше пред два месеца и тогаш уште еднаш ми потврди дека ќе игра за шведската селекција. Кога ќе изгубиш таков играч, нормално дека ти е криво, но тоа е лично негова одлука“, истакна Мрме.

Кога го запрашавме за споредба помеѓу работа во клуб и национален тим, Ангеловски истакна дека во селекција е многу потешко.

„Во клубот зависиш сам од себе, а во селекцијата можеш да се соочиш со 15 фудбалери кои се повредиле за време на своите клупски активности. Треба да бидеш подготвен на многу сценарија, а тоа треба да го направиш за еден или два дена. Во клубот имаш повеќе слобода во времето, подготовката на играчите и стручниот штаб зависат од тебе. Од друга страна, работам за мојата земја, Македонија и ова се најсреќните моменти во мојот живот. Се надевам дека најубавите  моменти допрва доаѓаат. Јас се трудам да останам смирен како селектор. Многу ме нервира кога се плашиме да играме фудбал. Јас сакам фудбалерите да влегуваат во натпреварите со голема самодоверба, без разлика на противникот“, порача Ангеловски.

Репрезентацијата си бара многу обврски, вели Ангеловски и како што вели, нема многу време за дружење надвор од националните собири. Тој додава дека тим-билдингот е добар начин да се оттргнат мислите на фудбалерите од фудбалот.

„Секојдневно ги советувам моите играчи. Знам и да појдам кај нив, да погледам некој натпревар, да поразговарам со нив, да ги прашам  дали имаат некои проблеми. Немаме многу време за дружење надвор од репрезентативните обврски. Имаме разни начини за тим билдинг со нашите репрезентативци. Тие се под постојан притисок, стрес од медуми, навивачи, па мора  да им дадеме моменти кога нема да мислат на фудбал, а сепак, да им е забавно. Има многу позитивни ликови во нашиот тим, посебно Алиоски знае да направи една добра атмосфера“, низ смеа раскажува Ангеловски.

Селекторот Ангеловски во изминатите години се сретна со многу познати фудбалски имиња на различни спортски собири низ Европа.

„На почетокот сето тоа беше протоколарно. Но, како што напредуваше репрезентацијата добивавме максимални комплименти . Сатисфакција е кога такви  спортски  величини имаат убави зборови за Македонија“, додава тој.

Според него, најважно за секој тренер е да има среќа на натпреварите, па подоцна следат и другите работи.

„Имаше една предавање на познатиот Жозе Мурињо. Тој под број 1 остави празно место, а на следните места напиша педагогија, психологија, тактика, техника. Тогаш кажа дека број 1 е среќа – ако ја немаш, ништо друго надолу не важи. Мене лично ми се допаѓа Антонио Конте, неговиот темерамент, стил на работа. Мислам дека со некои екипи кои не се топ фаворити оствари добри резултати“, вели Ангеловски.

Желба на секој селектор е да има фудбалери кои играат стандардно во силни тимови, но тоа  се уште носи проблеми.

„Најважно е нашите фудбалери да играат во квалитетни лиги, во квалитетни тимови и да се стандардни. Ние за жал, се уште имаме проблеми со тоа. Барди игра стандардно, Елиф во Наполи не е стандарден, исто и Александар Трајковски во Мајорка. Адеми исто го имаме, кој е неверојатен фудбалер и може планина да помести. Тој победи се што можеше да се победи во животот. Кога сите би биле здрави и би играле, тоа е нешто што најмногу го посакува еден селектор“, нагласува  селекторот.

Репрезентативните обврски значат многу патувања, а селекторот жали  што често е отсутен од дома и од своите најблиски.

„Татко сум  на Лука, Луна и Леа, сопруг на Тања. Секој момент од слободното време се трудам да го поминам со нив. Оваа професија бара многу отсуства, знам колку им недостасувам и сакам јавно да им се извинам  за моите отсуства. Тие ми се базата од каде што ја црпам енергијата“, додава Ангеловски.

Големите репрезентации своите играчи ги  регрутираат  од младите категории.Ангеловски  вели дека секогаш е подготвен да им  даде шанса на наши домашни фудбалери пред странци.

„Се работи во младинските школи на клубовите , но секогаш може подобро. Треба да им овозможиме подобри услови и повеќе да веруваме во нашите фудбалери. Јас секогаш сакам да му се даде предност на некое дете од Македонија, кое поседува талент, отколку на некој странец со сомнителен квалитет“, искрен е селекторот.

На нашиот селектор  не му се допаѓа тоа што политиката влезе во сите пори на општеството, па дури и  во спортот,кој не успеа да остане имун.

„За жал, во нашата држава политиката е на прво место. Мислам дека и спортот, музиката и култирата се на место каде не заслужуваат“, го заврши разговорот Ангеловски.

Фото – ФФМ

Разговараше: Јорданчо ЦВЕТАНОСКИ

Поврзани новости