Села: Со договорот им се одзема правото на глас на Албанците

by fokus

Претседателот на Движењето за реформи на ДПА, Зијадин Села, смета дека политички партии го прекршиле Уставот со потпишувањето на вчерашниот договор, со кој, според него, ќе се избришат околу 200.000 гласачи од дијаспората, од кои мнозинството се Албанци.

– Се зборува само за 200.000 гласачи кои се претежно од албанската дијаспора и на кои сакаат да им го одземат правото на глас. Па, редно е да прашаме кој е следниот чекор. Кога ќе се осмелат да им го одземат државјанството и кога ќе им го конфискуваат имотот. Дали овие 200.000 гласачи ги очекува истото што им се случи на Албанците во Чемерија, кои и ден-денес не можат да си го остварат правото на сопственост – вели  Села.

Села смета дека проблемот со избирачкиот список може да се реши ако цивилната служба на Министерствотото за внатрешни работи премине под ингеренции на локалната самоуправа.

–Само на таков начин ќе имаме вистинско вкрстување на резултатите на избирачките списоци и само на таков начин ќе имаме контрола на сè што се работи и, нормално, и на тие што издаваат лични карти и други документи – порача Села.

 

Поврзани новости