Села најави дека е подготвен за компромиси и ќе седне на маса со секој што ќе ја прифати неговата програма

by fokus

За нас 12 април е датумот за одржување предвремени парламентарни збори, а денешната изјава на премиерот Заев дека се остава можност за какви било промени поради ратификацијата на Протоколот за прием на земјата во НАТО, само покажува дека власта се плаши од избори, рече лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села во вечерашното „Само интервју“ на Канал 5.

Според Села, изборите му требаат пред се на албанското општество, зашто ДУИ, како што рече, не е репрезент на мнозинството албански граѓани и изминативе години е дел од власта благодарение на поддршката од ВМРО-ДПМНЕ или од СДСМ.

-Поголемиот дел од населението не се чувствува претставувано овие 18 години. ДУИ секој ден влегува со нарушен идентитет пред Албанците. Вратете се на локалните избори да видите што се случи. ДУИ немаше да добие ниту една општина да не беа ВМРО-ДПМНЕ или СДСМ. Албанците овој пат ќе ја донесат промената, ќе ја вратат демократијата, истакна Села.

Напомена и дека Алијанса за Албанците е подготвена, како поголема опозициска партија, да ги напрви сите компромиси во име на враќање на демократијата. Подготвена е да седне со секого што ќе ја прифати нејзината платформа и програма.

-Лично, како Зијадин Села, немам право да ги држам во заложништво потребите и барањата на Албанците, рече Села.

Неговиот став во врска со изборите е и дека кај албанскиот блок треба да важи принципот – помалата етничка заедница која добива на избори да е дел од власта, додека кај македонскиот блок ова правило не треба да важи.

– Заев работи според логика која е многу ризична, како што работеа сдсм и дпмне во деведесетите години. колку се покорумпирани албанските политичари, толку се поподобни да ги имате во коалиција. Тој е принципот и начинот на размислување. Од политичари се прават многу мали луѓе кои се чуваат во фиоки за да се истера нечија политика, оцени Села.

Образложувајќи ги барањата на Албанците според негово видување, нагласи дека не може да се третира како малцинство 25 – 30 отсто од населението.

-Тој што прави федерализација не е Села, туку Заев, Груевски. Не поставува Села граници каде може да се учи албански јазик, а каде не, образложи лидерот на Алијанса на Албанците, дополнувајќи дека тој лично е за функционален систем, а ако треба, рече, може и да се излезе од рамките на Охридскиот договор.

Поврзани новости