Села: Да бидеме коректни, прашањето не треба да го опфати договорот туку името на државата

by fokus

Јас сум еден од пратениците кој овој процес го плати со крв, знаете многу добро, дадов придонес да се сруши еден режим, рече пратеникот Зијадин Села, на денешната собраниска седница за распишување на референдумот, алудирајќи на тоа што беше претепан лани на 27-ми април при упадот во Собранието.

Тој додаде дека пратениците од Алијанса за Албанците ќе бидат воздржани на денешното гласање.

Како што рече Села ВМРО-ДПМНЕ го условува учеството на референдумот со амнестија на поранешни функционери, но СДСМ ги амнестираше функционерите на ДУИ, што покажува дека двете партии не се многу различни.

-Останува да видиме каков ќе биде исходот од судскиот процес за Бујар Османи. Освен што го амнестираа, се назначува за координатор кој ќе ги води преговорите со ЕУ. Ова е сведоштво дека не се разликувате многу, реално – рече Села.

Тој го повтори ставоти на Алијансата дека во патните исправи кај граѓаните од албанската етничка заедница треба да стои Албанци/граѓани на Република Македонија.

По однос на референдумското прашање тој рече дека треба да се однесува на промена на името, а да не го опфаќа договорот со Грција.

-За да бидеме коректни го предложивме тоа. Не е наше да одлучиме за идентитетот и јазикот на нашите сограѓани, затоа прашањето не треба да опфати договор, туку името на државата. Може да одлучиме за името сите заедно. Посакувам и верувам дека ова не треба и дека нема да биде меѓусебно обвинување меѓу политички субјекти дека една заедница влијаеше да се измени идентитетот на друга заедница – рече Села.

Според него референдумот не е потребен, но тоа го предвидува Договорот.

Поврзани новости