Секој втор невработен не бара работа, АВРМ со обуки

by Fokus

Секој втор невработен не бара работа односно се наоѓа во категоријата пасивни баратели. Единствено стануваат активни баратели на работа само кога можат да искористат некоја од бесплатните обуки на Агенцијата за вработување.

Во моментов 180 илјади лица се невработени но од АВРМ велат дека бројката се намалува. Од денеска почнуваат и обуки на вработени во агенцијата како советници за работодавачите.

Надлежните велат тие ќе имаат обврска да им помагаат на работодовачите да го најдат потребниот кадар за работа.

-Зајакнување на капацитетите на вработените во Агенцијата за вработување во посредување меѓу бизнис секторот и невработените, што треба да придонесе бизнисот полесно да дојде до квалификувана работна сила, а невработените до одржливи работни места, има за цел тридневната обука за бизнис советници во Агенцијата за вработување што почна денеска во Скопје.

Квалификувањето и дообука на вработените од Агенцијата за вработување за соработка со бизнис секторот, смета министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, е од исклучителна важност. Агенцијата има потенцијал бидејќи на е добро поставена на локално ниво односно има 30 центри, вели, но комуникацијата со бизнис секторот во минатото била слаба.

– Минатата година оперативниот план се правеше токму преку регионални средби и на локално ниво на средбни на центрите на Агенцијата и бизнис секторот при што утврдивме дека тие мерки кои беа креирани заедно со бизнис секторот дадоа многу поголеми резултати. Обучени вработени кои знаат да пристапат на бизнис секторот како да ги проценат потребите со цел поголемо вработување или зголемување на вработливоста на граѓаните на локално ниво преку одредени мерки, ќе даде поголема успешност и кон опслужување на бизнис секторот со капацитет и кадар, но и ќе го намали бројот на невработени лица – рече Царовска.

Директорката на АВРМ Билјана Јовановска смета дека посредувањето меѓу невработените и бизнис секторот е една од најважните услуги што ги нуди Агенцијата.

-Таа услуга сакаме да ја унапредиме преку тоа што нашите колеги непосредно ќе комунициираат секојдневно со работодавачите и стопанството. Наоѓањето на соодветна квалификувана работна сила за потребите на работодавачот е нешто што е многу важно во овој момент и што е важно за целиот систем и за стопанството и за граѓаните воопшто – рече Јовановска.

Нарине Сахакијан, постојана претставничка на УНДП, го дели ставот дека оваа обука треба да и помогне на Агенцијата да ги разбере потребите на работодавачите, а на барателите на работа особено ранливите групи граѓани, да најдат работа која што ќе можат да ја задржат.

Обуката, додаде таа, ќе остручи 50 лица во 30-те центри на Агенцијата, кои потоа ќе бидат способни да ги сфатат потребите на работодавачите, а на невработените да им помогнат да најдат одржлива работа.

Стефано Томажиан, од Амбасадата на Швајцарија, вели дека е фрустрирачка состојбата во земјава што од една страна работодавачите не можат да најдат потребна и квалификувана работна сила, а невработените пак не можат да најдат пристојна работа.

Затоа, вели, Швајцарската амбасада помага работодавачите да креираат пристојни работни места, невработените да се квалификуваат, преквалификуваат и дообучуваат, и како што рече, во креирање на врски меѓу бисносот и невработените за да се спојат понудата и побарувачката на пазарот на труд.

Обуките се поддржани од УНДП и Швајцарската амбасада во земјава.

Поврзани новости