Секој втор граѓанин се соочува со правен проблем

by fokus

Секој втор граѓанин во Македонија се соочува со одреден правен проблем. Најчесто тоа се ранливите групи, како што се Ромите и жените кои претрпеле семејно насилство.

Ова денеска пред Кривичниот суд во Скопје го истакнаа претставниците од Коалиција Маргини и Здружение ЕСЕ, каде студенти од Правниот факултет промовираат пораки за правото на бесплатна правна помош кон граѓаните, по повод Европскиот ден на правдата.

Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини информираше дека според истражувањата, остварувањето на пристап до правда во Северна Македонија е на многу ниско ниво. Таа смета дека е потребно превземање на дејствија за да им се покаже на нашите граѓани дека имаат пристап до правда.

-Пресретнување на пристапот до правда е да се пресретнат сите правни потреби на граѓаните, без разлика дали истите се свесни дека имаат правен проблем и сакаат да го решаваат или пак оние граѓани кои не веруваат во институциите. Кај нас довербата на граѓаните во судството и институциите е клучен елемент до пристапот на правда и е на ниско ниво. Според податоците од Евробарометарот, само 23 проценти од граѓаните  на Северна Македонија веруваат во судството, 30 отсто во јавната адмнинистрација и 34 проценти веруваат во полицијата, истакна Дрндаревска.

Според Стојан Мишев од Здружението ЕСЕ, 70 проценти од Ромите се соочуваат со одреден правен проблем, а тој најчесто е во областа на имотни проблеми, долгови, домување и др. Тој информира дека тие како Здружение работат на правните проблеми на граѓаните и апелираат до државата да им излезе во пресрет на граѓаните.

-Една од алатките кои можат да ги искористат ранливите или сиромашни групи на граѓани, односно секој кој нема финансиски средства да иницира одредена постапка за заштита на своите права за остварување, може да ги искористи придобивките од новиот Закон за бесплатна правна помош, истакна Мишев.

Обезбедувањето на пристап до правда за граѓаните е основен предуслов за економски и социјален развој на нашето општество. Оддржливите развојни цели на ОН го нагласуваат пристапот до правда како основно човеково право чие остварување директно придонесува за целосна реализација на останатите човекови права на граѓаните. МИА

Поврзани новости