Секјуриком веќе не го чисти Собранието, на тендер избрана нова фирма

by Fokus

Австриската фирма Секјуриком, чиј сопственик Волфганг Гампер е осомничен за тендерите кои ги добивал од Службата за општи и заеднички работи додека на чело на службата беше Васе Доневски повеќе не го одржува Собранието.

Од собраниските служби за Фокус велат дека новата фирма која го чисти и одржува законодавниот дом е Вапај Благој Дооел, бидејќи понудиле најниска цена. Договорот на оваа фирма трае само три месеци, по што ќе има нов тендер.

Инаку, ова беше само еден од многуте договори на Секјуриком за одржување на државни објекти, бидејќи фирмата е единствена која ги исполнува условите, односно врши услуги за чистење, обезбедување, тековно одржување и дактилографски услуги.

Секјуриком во моментов има активни договори со СОЗР за сите министерства вклучувајќи ја и Владата, но и за чистење и одржување на објектот на МРТВ, објектот на НИП Нова Македонија и Вила Водно. Последниот договор, Секјуриком го слкучи со актуелниот директор на Службата, Пеце Мирчевски.

Од Службата за општи и заеднички работи за Фокус велат дека во сите склучени договори со Секјуриком досега, услов било преземање на вработени од СОЗР. Сепак, не одговорија конкретно дали доколку не се склучи нов договор со австриската компанија, сите вработени кои од Службата за општи и заеднички работи преминале во Секјуриком ќе бидат вратени под државна капа.

„Нашата интенција е ниту еден вработен да не остане на улица и да стане социјален случај, туку напротив мислиме на сите вработени кои биле наши поранешни колеги не само во Скопје туку и по сите општини низ Републиката, каде ги опслужуваат подрачните одделенија на министерствата“, одговорија од СОЗР.

Александар Тодески

Поврзани новости