Секирарска за „Фокус“: Вмешувањето на политиката сериозно го „заболува“ образовниот систем

Родителите треба пред се, да ја трансформираат својата улога на заменувачи на трудот на децата во носители на родителство кое поддржува, но не настапува наместо децата.

by Fokus 14:00
14:00

Ако  сакаме да се изгради здрав образовен систем кој ќе функцинира и ќе дава резултати, треба сериозно и да се лоцира вината за конкретните состојби не само со последните случувања во гимназијата „Орце Николов“ туку воопшто во образованието.

Генерално, за почеток ќе кажам дека вмешувањето на политиката во образовната сфера е нешто кое сериозно го заболува и му го спречува оздравувањето со, како што предолго гледаме, мошне несоодветни третмани, вели  за „Фокус“ Елизабета Секирарска, професорка по Менаџмент и Маркетинг во СОУ „Перо Наков“ – Куманово.

-За жал, сведочиме на фактот дека секој аларм кој повикува на будење има краткотраен ефект, т.н синдром на „три дена” актуелни состојби или проблеми и  потоа  состојбите повторно се враќаат и опстојуваат и понатаму.

 

Секогаш повторувам дека воспитно-образовниот систем е дел од целиот општествен костур и се што се случува во негови рамки, придонесува за изгледот и функционирањето на образованието.

Каква е големата слика, такво е и образованието.

 

Не станува збор за изолиран систем кој делува сам за себе, туку за витален дел од севкупното општествено живеење, додава таа.

Затоа, според Секирарска ова е мошне суптилна и специфична сфера, од која се продуцира човечки капитал за сите други сфери и никако не смее да биде оптоварена со таков баласт, кој, како што предолго сведочиме, задушува и постојано го враќа на почеток.

– Институциите, од кои треба да се тргне во тој сеопфатен општествен ресет, треба да мобилизираат луѓе од базата, кои се професионалци и најдобро знаат како дише училницата.

 

Реформите, кои се многу неопходни, треба да бидат издржани, реални и секако, прифатени од сите за да можат да ја видат светлината на денот.

 

Родителите треба пред се, да ја трансформираат својата улога на заменувачи на трудот на децата во носители на родителство кое поддржува, но не настапува наместо децата.

 

Не им помагаат со тоа што ги научуваат дека нема потреба да учат, тато и мама се тука да средат – детето го очекува живот кој самото треба да го средува, вели Секирарска.

Според неа родителите треба да се по функција, не по титула и не им е местото онаму каде што постојано го бараат, вплеткувајќи се во неиздржани барања кон надлежните образовни институции, особено последниве години.

-Наставниците пак, треба да ги подигнат главите и да се вратат на вистинскиот начин во училницата, и покрај реалните и мачни причини за демотивираност и опаѓање на работниот елан.

Сметам дека само заедничкото содејство на овите три агли и зафаќањето секој со својата улога, може да ги помрдне нештата од мртва точка и да придонесе да не гледаме репризни изданија на истите мачни воспитно-образовни епизоди веќе три децении. Во интерес на најважните – децата, вели таа.

Според Секирарска хиперпродукцијата на високообразованите кадри, пред се, како резултат на дисперзијата на високообразовните институции.

-Лично  сметам  дека тоа е многу погрешен чекор, затоа што продуцира маса на луѓе кои со себе носат дискутабилен образовен багаж по завршувањето на факултетите) се покажува како сериозен симптом на погрешните зафати.

 

Во основа благородната идеја сите млади да имаат еднаков пристап кон можноста за студирање, сепак се коси со фактот дека средношколец кој од основното образование дошол со слаби резултати, и тој тренд го продолжува и во средното училиште, не треба да гледа на факултетот како на соодветна за него локација, само затоа што му е достапна.

 

Сепак не. Неговото вклучување во пазарот на трудот по завршувањето на средното образование би дало многу поголем придонес и за него лично, и за целиот контекст во кој живее, вели таа.

Според Секирарска прашањето  на хиперпродукцијата на магистри и доктори на науки е за жал, единственото логично продолжување на прошетката низ образовните нивоа и така добиваме сериозна бројка на млади луѓе со дипломи, во кои не живеат знаењета, способностите, вештините, вредностите – сето она што им е неопходно за животот кој ги очекува.

С.Т.

Поврзани новости