Сеќавање: Желбата која Тоше ја кажа пред публиката на последниот концерт не му се исполни

by fokus

На денешен ден точно пред 12 години на градскиот стадион во Скопје, легендарниот музичар Тоше Проески го одржа својот последен хуманитарен концерт, посветен на училиштата во Македонија.

-Добро вечер Македонијо! Дали сте расположени за уште едно дружење? Едноставно не можам да верувам во колку голем број ве има вечерва. Како минува времето, и како доаѓаат другите концерти се поназад и поназад се повлекуваме со сцената, тоа ми е посебно драго. Се надевам дека на наредниот концерт кој ќе се случи за неколку години, сцената ќе биде на крајот на стадионот и се ќе биде преполно. Дозволете ми да ви се заблагодарам вам, затоа што вие сте најзаслужните вечерва за ова што се случува. Денес сте на мое огромно задоволство на мој трет концерт, и посебна чест ми е што е хуманитарен, сите средства кои ќе бидат собрани вечерва од картите се ваша донација за обновување на основните училишта во Македонија. Едно од тие училишта е и ,,Никола Карев” во Крушево, основното училиште каде што учев јас. Драго ми е што новите ќе генерации ќе имаат можност да се школуваат со нови методи и во нова средина, бидејќи школувањето е наша заедничка одговорност – беа зборовите со кои Проески го започна концертот пред преполниот стадион.

Со ,,Игри без граници” го започна тричасовниот настан, не ни насетувајќи ја трагедијата која што се случи само 11 дена по концертот. Настанот се заврши кога Стојан Тренчевски, претставник од фондацијата ,,Мајка Тереза” излезе на бината и на менаџерката на Тоше, Љиљана Петровиќ и врачи статуетка во знак на благодарност. Исти стауетки добија и колегите на Тоше, Бојан Маровиќ, Антонија Шола, Марија Шестиќ и Адијан Гаџа кои му гостуваа на концертот. На Проески му подари осветена статуа на Мајка Тереза, порачувајќи му дека тој многу дава и осветлува насекаде.

-Горди сме на тебе за сите времиња. Да си жив, и нека оваа светица ти осветлува патот- рече Тренчевски.

Откако ја зеде статуата, Тоше пред публиката кажа дека наградата им припаѓа на неговите родители, кои му ја всадиле хуманоста, по што истата и ја даде на неговата мајка. Желбата по неколку години повторно да го наполни стадионот, па и да ја повлече сцената уште наназад поради многу публика, не му се исполни.

Минатата година, на денешен ден во ВИП Арена Борис Трајковски се одржа голем концерт во чест на Проески, каде неговите хитови ги изведоа Бојан Маровиќ, Борис Новковиќ, Сергеј Четковиќ, Владо Калембер, Јелена Томашевиќ, Ана Рупељ и други звучни имиња од регионот. Тогаш за ,,Фокус” Бојан Маровиќ емотивно изјави дека се надева како пеел доволно гласно, за да може и небото да го слушне.

И на социјалните мрежи денес многу пријатели и обожаватели на Тоше се сеќаваат на концертот, споделуваат фотографии и анегдоти со младиот пејач чиј живот трагично заврши во цутот на неговата младост. Пораката дека нема да биде заборавен и како остави трага со својата хуманост, талент и харизма, се провлекува низ сите објави за момчето од Крушево, кое беше најголемата поп ѕвезда во земјава. Официјално, најави за одбележување на годишнината од смртта на Тоше со концерт или пак хуманитарни активности во негова чест, како што беше практика во изминатите години, се уште нема.

Вики Клинчарова

Поврзани новости