Сефер Цаноски до вработените на Кочан: Додека вие протестирате, вашиот газда веројатно ужива на јахта!

by fokus 14:50
14:50

Сефер Цаноски, син на бизнисменот Фијат Цаноски, чиј што објект ,,Космос’’ беше срушен во 2011 година, а за што СДСМ четири години подоцна објави телефонски разговори, за кои тврди дека се доказ за политички мотивирано рушење, се огласи на својот Фејсбук профил, по повод протестите на вработените на Сеад Кочан, осомничен во случајот ,,Труст’’ кој што е во бегство.

Според Цаноски, додека вработените на Кочан протестираат, тој најверојатно ужива на некоја јахта со шкампи и морска риба.

„Овие ликови што протестираат за слобода на СЕАД КОЧАН ги паметам многу добро. Ги паметам добро и камионите и багерите нивни. Го паметам и 5 часот изутрина на 1 август 2011 година. Истите овие ликови, заштитени од огромен број припадници на полициските сили влегоа во КОСМОС , како вработени во компанијата ТРАНСМЕТ на Сеад Кочан која беше ангажирана за рушењето од страна на општина Гази Баба во исто така незаконски добиен тендер. Ние чекаме правда повеќе од 6 години. И со Господ напред ќе ја дочекаме овде во Македонија.

Додека вие протестирате, вашиот газда „правдата“ ја дочекува веројатно на некоја луксузна Јахта на отворено море , каде со некоја шкампа и морска риба ужива и ги троши „чесно“ заработените пари !
Можам само да ви кажам едно – АРАМ и срам да ви е !“– порача Цаноски.

Инаку, „Космос“ беше најавен како мини град, составен од една голема зграда од 17 ката и една помала, со капацитет од илјада жители. Изградбата започна во април 2011 година, а рушењето за кое што надлежните служби од општина Гази Баба тогаш дадоа образложение дека инвеститорот не го испочитувал договорот и почнал да гради објект повисок за метар и половина повеќе од предвидениот проект, се случи на први август истата година.

Ова не е прв пат Кочан да се поврзува со луксузни јахти. Пред две години повеќе медиуми во регионот ја објавија веста дека еден од неговите браќа е во врска со Плејбој зајачицата и старлета Сораја Вучелиќ од соседна Србија, и како често со неа одмора на семејната јахта. Се појавија и повеќе фотографии на кои што на истата јахта позираат старлетата и бизнисменот, но одделно. Нивна заедничка фотографија не доспеа во јавност, и покрај тоа што Сораја призна дека е вљубена во македонски бизнисмен, кој што потрошил цело богатство на неа.

Вики Клинчарова

Поврзани новости