Седумте секретари на СКОЈ

by Fokus 23:16
23:16

Предлагам да востановиме награда што ќе се доделува на младите за исклучителни постигнувања во областа на економијата, јавните набавки и тендери, која ќе го носи името на „паднатите“ секретари, и тоа да гласи „Ген. Сек за овој век“

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

 Пред некој ден, веста на денот беше дека генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири е приведен, а потоа и притворен за злоупотреба на службената положба. Не така одамна, и генералниот секретар на Владата, Рашковски беше притворен, па потоа пратен во куќен притвор, пак, под некое сомневање за корупција, за што судењето е во тек.

Ауууу, си велам, па овие сите завршија во зандани и паднаа од раката на непријателот, како седумте секретари на СКОЈ.

Постарите сигурно се сеќаваат на Седумте секретари на СКОЈ, како што се нарекуваа седумте млади југословенски комунисти, кои во триесеттите години на минатиот век го предводеа Сојузот на комунистичката младина на Југославија, подмладокот на тогаш илегалната Комунистичка партија на Југославија.

НАРОДНИ ХЕРОИ

Сите ги загубиле своите млади животи за време на шестојануарската диктатура, дел во вооружените пресметки со полицијата на Кралството Југославија, дел како последица на затворањето и мачењето во затворите. Поради тоа, тие имале статус на маченици меѓу југословенските комунисти, а по Втората светска војна се прогласени за народни херои и погребани се во Загреб, во Гробницата на народните херои. По нив е наречена една од најпрестижните награди за достигнувања на младите во сите сфери, а меѓу добитниците се и „Леб и сол“ во 1978, Лачни Франц – 1981, „Екатерина Велика“ – 1986…

Но, да се вратиме ние на нашите скоевци, извинете, секретари што генерални, што државни. Пред последниве двајца генерални секретари на Владата, под удар на раката на законот падна и Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата, овојпат осомничен од СЈО.

Не поминаа подобро ниту двајцата генерални секретари на ВМРО Протуѓер и Јанкулоска, кои исто како и претходните ги стигна „секретарската“ карма и дојдоа во судир со едно од многуте органи, чија кратенка завршува на ЈО, ОЈОГОКК, ОЈО, СЈО, не се ни сеќавам повеќе, затоа што овие „јо јо“ се намножија како печурки по дожд.

Пред нив, како прави скоевци и секретари, „паднаа“ во борба со полициските сили и Јахиу, државен секретар во Министерството за информатичко општество и Љубомир Поповски, некогашен државен секретар во Министерството за одбрана и некогашен генерален секретар на СДСМ.

ЧУДНА СУДБИНА

Размислувам за чудната судбина и карма што ги следи овие секретарски места и оние на секретарите на СКОЈ и на овие секретари на партиите, министерствата и Владата. Што ти е идеал , што ти е младина спремна да го жртвува и сопствениот живот и да не отстапи ни чекор пред клетите жандари.

Едните секретари се бореле за благодат на општеството и идните генерации, а овие модерниве секретари за сопствен благодат и бериќет и за иднината на своите идни генерации, но идејата во суштина е иста благодат и бериќет, а чиј, па сега да не бараме влакно во јајцето.

Државата што има ваква младина, спремна на жртва за своите лични идеали, не треба да стравува за својата иднина, иднината ѝ е зацртана и непроменлива како во изминативе 30 години.

Предлагам да востановиме награда што ќе се доделува на младите за исклучителни постигнувања во областа на економијата, јавните набавки и тендери, која ќе го носи името на „паднатите“ секретари, и тоа да гласи „Ген. Сек за овој век“.

 

Поврзани новости