Седници на седум собраниски комисии

by Fokus

Во Собранието на Република Северна Македонија денеска седници ќе одржат комисиите за европски прашања, за надворешна политика, за финансирање и буџет, за образование, наука и спорт, за здравство, за политички систем и односи меѓу заедниците и Законодавно-правната комисија.

Единствена точка на дневен ред на собраниската Комисија за европски прашања е Предлог-законот за енергетска ефикасност, во прво читање.

Предлог – буџетот на Република Северна Македонија за 2020 година, во второ читање, е единствената точка за која ќе расправаат членовите на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

На дневен ред на седницата на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците се повеќе закони, меѓу кои Предлог-законот за изменување на Законот за личното име, измените и дополнувањата на Законот за личната карта и на Законот за патните исправи на државјаните на Република Северна Македонија, сите во прво читање.

Членовите на оваа Комисија ќе ги разгледаат и Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2018 годинa и Формирањето на работна група за зајакнување, унапредување и подобрување на соработката помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Народниот правобранител.

На дневен ред на собраниската Комисија за образование, наука и спорт се Предлог-законот за младинско учество и младински политики, во прво читање, поднесен од група пратеници и Предлог-законот за изменување на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, во прво читање.

Членовите на собраниската Комисија за надворешна политика ќе треба да се произнесат за повеќе предлог-закони за ратификација на договори, меѓу кои е Предлог-законот за ратификација на Спогодбата меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за заемно признавање на одобренија за овластен економски оператор – безбедност и сигурност (OEOC).

На дневен ред на собраниската Законодавно-правна комисија се повеќе предлог-закони во прво читање. Членовите на оваа Комисија ќе дискутираат за измените и дополнувањата на Законот за следење на комуникациите, на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, на Законот за странци.

Комисијата за здравство ќе одржи две седници, 15. и 30. седница. На дневен ред на 15-та седница е Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување, во второ читање. На 30-та седница ќе се разгледува Предлог-одлуката за одржување надзорна расправа на тема: „Системот на имунизацијата кај населението од моментот на набавка, транспорт, складирање и импликација во јавните здравствени установи.

Поврзани новости