Седницата за одземање на имунитетот на Вељаноски продолжува утре

by fokus

Утре напладне продолжува седницата на собраниската Комисија за деловничко-мандатни и имунитетни прашања на чиј дневен ред е брањето за одобрување притвор на пратеникот Трајко Вељаноски, поднесено од Одделението за организиран криминал и корупција при скопскиот Кривичен суд поради сомнение за вмешаност во настаните од 27 април.

Претседателот на Комисијата, Павле Богоевски ја презакажа за утре седницата поради повеќемината говорници кои се пријавиле за збор, а во текот на дискусијата која продолжи попладнево по получасовната пауза повторно имаше препукување меѓу пратениците од власта и опозицијата за тоа дали е оправдано да се донесе одлука на поранешниот претседател на Собранието да му се одземе имунитетот.

Со апел до пратениците од власта излезе опозицијата да не му го одземаат имунитетот на Велјаноски, поради тоа што, како што беше речено, тој со своето однесување не покажал никакви знаци дека ќе се противи на целокупната постапка што се покренува против него.

Пратеникот Иван Иванов од ВМРО-ДПМНЕ ги праша пратениците од власта врз основа на кој аргумент оценуваат дека на еден пратеник треба да му се одземе имунитетот и додаде оти е добиено само едно барање од суд.

– Ако Комисијата одлучува само врз основа на барање на суд да се одземе имунитетот на еден пратеник, зошто тогаш на нас пратениците воопшто и ни се доделува имунитет. Вие практично имате донесено пресуда за имунитетот на Трајко Велјаноски и со тоа го праќате директно во притвор, рече Иванов и им порача на пратениците од власта дека додека тие биле во опозиција биле едни од најгласните противници за злоупотребување на мерката притвор.

Според него, Вељаноски со своето однесување во ниту еден момент не покажал дека може да го повтори делото, оти постои опасност дека ќе избега или дека би влијаел на други сведоци, нешто врз основа на што се одредува мерката притвор.

Претседателот на Комисијата, Богоевски му одговори дека работа е на судот да цени дали е оправдана или не мерката притвор за одреден случај, нагласувајќи оти тоа не е нешто за што одлучува Комисијата. Тој додаде дека Велјаноски се товари за едно од најтешките дела во Кривичниот законик.

Поврзани новости