Сеад Кочан останува на слобода, дал гаранција од милион евра

by fokus

Бизнисменот Сеад Кочан ќе се брани од слобода, неофицијално дознава Фокус. Според нашите информации одземен му е пасошот и дал гаранција од еден милион евра дека нема да ја напушти земјата и ќе биде достапен за судот.

Ваква одлука денеска донесе судијката на претходна постапка Даниела Димовска, откако Врховниот суд пред една недела го укина притворот на Кочан, осомничен во случајот „Труст“, односно ги укинаа решенијата на Кривичниот суд и на Апелација, според кои требаше да оди зад решетки во истражниот затвор „Шутка“.

Се очекува на ваквата одлука Специјалното јавно обвинителство (СЈО) да поднесе жалба, по која ќе одлучува Кривичниот совет, составен од судијките Моника Бахчовановска, Љубинка Башевска и Весна Костова Спасеска.

Како што веќе пишуваше „Фокус“, судијката Димовска има искуство од само осум месеци, односно на 5 септември минатата година била избрана за судија, и веднаш била распоредена во одделението Кривична материја претходна постапка.

Во случајот „Труст“, како што информираше СЈО, три фирми, задружени во конзорциум, го добиле тендерот на ЕЛЕМ вреден 1,06 милијарди денари или 17.235.772 евра, доставувајќи фалсификувани документи за сопственост на мехнизација и за кадровска екипираност.

В.В.

 

 

Поврзани новости