Сеад Кочан може да бара да му се одолжи одењето во затвор

by fokus

Бизнисменот Сеад Кочан денеска го прими упатниот акт за во затвор, а во кој пишува дека на 17 јули треба да се појави на издржување на казната. Сепак Кочан во наредните три дена има право да поднесе барање за одлагање до Кривичниот суд.

По ова барање одлучува судија за извршување на санкциите, во најкус можен рок, а по неговата одлука право на жалба осудениот и СЈО ќе имаат и пред Кривичниот совет, кој треба да реши во рок од три дена.

Според Законот за извршување на санкциите се предвидени строги критериуми според кои еден правосилен осуденик има право да бара одложување на казната.

Па така, еден од условите со кои привремено може да се спаси од затвор е ако се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности. Или доколку е обврзан да изврши одредена работа што веќе ја започнал, а поради незавршување би настапила позначителна штета.

Одлагање може да се побара и во случај кога заедно со осуденикот во затвор треба да одат и неговата сопруга или други членови на семејството, па нема кој да ги издржува старите, болните или малолетните членови на семејството.

Упатниот акт на Кочан му е потпишан на 17 јули, иако до неодамна законскиот рок беше ограничен на најмногу 13 дена од добивање на поканата. Сепак, за среќа на бизнисменот, пред неколку дена на сила стапија новите измени на Законот за извршувањето на санкциите, поради што овој рок е поместен на 30 дена.

Качан спасот да не оди во затвор може да го бара и од Врховниот суд, со поднесување на вонреден правен лек.

В.В.

 

 

 

 

 

Поврзани новости