Се затвораат и весникот „Дневник“ и порталите на МПМ

by fokus

По затворањето на весниците „Вест“ и „Утрински“, се затвора и весникот „Дневник“ како и сите портали под капата на МПМ, брифираат за Фокус вработени во оваа медиумска куќа.

Утринава на колегиум на преостанатите вработени кои останаа во МПМ по затворањето на двата весника, им било соопштено дека треба да си одат дома бидејќи фирмата „Медиа принт“ оди во ликвидација.

Менаџментот им соопштил дека на вработените ќе им бидат исплатени платите и ќе бидат на принуден одмор и под Заводот за вработување, додека фирмата мора да биде ликвидирана.

Весникот „Дневник“ денеска ќе го издаде својот последен број и од утре веќе нема да излегува на пазарот. Според нашите извори, истото ќе важи и за порталите vest.mk, utrinski.mk, dnevnik.mk како и telegraf.mk.

Случувањата во МПМ траат подолг период откако вработените излегоа и на штрајк поради задоцнети плати и неисполнети ветувања на менаџментот. Компанијата „Орка Холдинг” управувана од Јордан Камчев, претходно го продаде својот удел во „Медиа Принт Македонија”. Освен компанијата на Камчев, од МПМ излезе и компанијата „Интернет Инвестмент Груп“ чиј што сопственик е Јана Станисаљева.

Во меѓувреме беше отворена и нова компанија – „Медиа принт Дооел“, која е фирма ќерка на МПМ која објави оглас за вработување на 55 новинари и каде останаа да работат дел од вработените во трите весници. Овие вработени се надеваа дека според ветувањата, ќе опстанат со работа порталите на МПМ и весникот „Дневник“.

Поврзани новости