Се враќаат буквите на Тито на Музеј на Град Скопје

by fokus

На источната фасада од Музејот на Град Скопје претпладнево почна поставувањето на новите букви од познатата реченица што Јосип Броз Тито ја кажал ден по катастрофалниот земјотрес во Скопје.

„Скопје доживеа невидена катастрофа, но Скопје повторно ќе го изградиме со помошта на целата заедница. Тоа ќе стане гордост и симбол на братството и единството, на југословенската и светската солидарност. Тито Скопје, 27 јули 1963 година“.

Направени се од тврдо пресуван стиропор и ја имаат првобитната жолто-златеста боја како и автентичните букви кои на објектот на Старата железничка станица стоеја од 1974 до 2001 година.

Ги изработи кумановската компанија „Фрагмат“. Избран е посовремен фонт, а висината им е помала од првобитните затоа што по реконструкцијата на ѕидот пред осум години просторот е помал.

Натписот што сведочеше за изјавата на преседателот на СФРЈ и претходеше на светската солидарност во реизградбата на разурнатиот град, беше отстранет во 2001 година.

Изјавата на Тито се читаше во наредните скоро десет години од лепакот  што остана на ѕидот, а сосема ја снема откако тој беше реконструиран во 2010 година.

Свеченото откривање на натписот ќе биде во рамки на одбележувањето 55 години од скопскиот земјотрес, кое Музејот на Град Скопје го организира под покровителство на Град Скопје.

Поврзани новости