Се уште е во тек обдукцијата и идентификацијата на 59 загинати во пожарот во Кочани, информира директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика, Александар Станков. Тој нагласи дека постапката ќе биде завршена кога ќе заврши обдукцијата и идентификацијата на сите тела.
Идентификацијата на жртвите не се извршува само со обдукција, туку и со ДНК-анализи.
„Станува збор за два паралелни процеса. Работиме со планирано темпо. Паралелно се вршат и обдукција и ДНК-анализи. Собрани се ДНК-материјали за споредба од роднините на починатите. Очекуваме брзо да се заврши работата. Не може точно да се каже кога, приоритет ни е завршувањето на обдукциите и идентификацијата на луѓето, за да може телата да си ги подигнат роднините“, изјави за МИА директорот на Институтот за судска медицина и криминалистика.