Се уште се истражува дали пожарот во Инспекторатот за животна средина бил подметнат, а за оној во правда дилемата е решена

by fokus

Откако синоќа изгореа бараките во кои беше сместено ЈП “Улица и Патишта” Скопје, повторно се појави сомнеж дека пожарот е подметнат. Од ВМРО-ДПМНЕ веднаш обвинија за намерно уништување на документација, наводно за да се сокријат траги за криминално работење.

Ваков беше и сомнежот кога пред една година се запалија просториите на Инспекторатот за животна средина, односно кога се знаеше дека ДУИ ќе ја изгуби директорската фотелја, што подоцна навистина и се случи.

Една година подоцна за овој случај се уште нема официјални информации како настанал пожарот.

СЕ ЧЕКААТ ВЕШТАЧЕЊАТА

Од Обвинителството за “Фокус” појаснуваат дека се уште се изработуваат вештачењата, кои би требало да ја откријат причината.

-Предмет за кој покажувате интерес е во фаза на предистражна постапка. Надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје издаде повеќе наредби за вештачење со цел да се утврдат причините за пожарот и висината на настанатата штета. По наредбите се уште се постапува.

По приемот и анализата на извештаите од наредените вештачења ќе биде донесена одлука за натамошното постапување, ни одговорија од Обвинителството, на прашањето дали е утврдена причината за пожарот.

При огнената стихија во оваа институција изгоре целата архивска документација.

ПОЖАРОТ ВО ПРАВДА НЕ БИЛ ПОДМЕТНАТ

Во април 2018 година пак се запалија и простории во Министерството за правда, кога исто така изгоре документација. Од обвинителството велат дека за овој пожар не се обезбедени докази дека истиот бил подметнат.

-Во поглед на настанатиот пожар во Министерството за правда на 10.04.2018 година, од страна на СВР Скопје до Основното јавно обвинителство Скопје беа доставени две писмени известувања со обезбедена целосна документација која се однесува на настанатиот пожар.

Воедно постапено е и по писмените наредби и барања на обвинителот во насока на обезбедување на сите потребни докази. Од анализа на сите направени проверки во текот на предистражната постапка произлезе дека од кривично-правен аспект не постои основано сомневање дека пожарот настанал како резултат на кривично дело, ни одговорија од Обвинителството.

Во овој пожар огнените јазици ја зафатија архивската документација, сместена на четвртиот кат. Тогаш изгоре документација за меѓународна правна помош, како и дел од документацијата на секторите за сметководство и финансии.

Разликата во двата пожари е времето на случување. Во инспекторатот избувна пред почетокот на работното време, а во Правда при крајот, поради што во канцелариите сѐ уште имаше вработени, но, за среќа, немаше човечки жртви.

ГОРЕШЕ И ПОШТАТА

Во 2013 година, голем пожар изби и во главната зграда на „Македонски пошти“, во време на директорувањето на Рафис Алити.
Арменд Фазлиу, внук на директорот Алити и шеф на неговиот кабинет и на Секторот за јавни набавки, беше прогласен за виновен за катастрофалниот пожар што ја уништи зградата на поштата во центарот на Скопје и беше осуден на двегодишна затворска казна.

Тој беше обвинет за тешки дела против општата сигурност, а во текот на процесот вештаците потврдија дека пожарот избувнал откако тој фрлил запалена цигара во корпата за отпадоци во неговата канцеларија. Пламенот ја зафатил неговата канцеларија, каде што тој наводно чувал, од само нему познати причини, 25 литри моторно масло, кое било катализатор на огнот.

Валентина Вурмо

Поврзани новости