Се уште нема јасен став дали ќе треба трета доза вакцина, вели Филипче

by fokus

Се уште нема цврст и јасен став дали ќе биде потребна трета доза на вакцина, иако почнаа да излегуваат препораки и публикации за потреба од трета доза од вакцината против коронавирусот, вели министерот за здравство, Венко Филипче.

– Никој не може за сигурно да каже каква ќе биде иднината во однос на вакцинацијата. Дали овие две дози ќе бидат доволни или можеби ќе биде потребна трета доза и сега се поставува прашањето дали од истиот производител или различен или трето сценарио, оваа вакцина да прерасне во форма на сезонска вакцина, рече тој.

Филипче најави дека в петок ќе стигнат 10.000 вакцини на „Астра Зенека“, донација од Хрватска. Во текот на наредната недела се очекува да стигнат и 10.000 вакцини од Русија на „Спутник“. Во текот на вчерашниот ден и завчера биле вакцинирани околу 12.000 лица, а заклучно со вчера се вакцинирани 330.000 граѓани.

Тој потенцира дека вакцините се безбедни и дека не постои шанса да се пушти во промет лек доколку за тоа нема одобрение од Агенцијата за лекови.

– Вчера се покрена едно прашање околу документацијата, дозволите итн. Сакам да објаснам дека граѓаните треба да бидат спокојни и не постои шанса да се пушти кој било лек во промет, вклучувајќи и вакцина, доколку за тоа одобрение не даде Агенцијата за лекови. Ние аплицираме со соодветната документација која што е потребна и за увоз на лекот, а таа стигнува и пред да стигнат вакцините во Агенцијата за лекови, така што станува збор за административен процес, изјави Филипче.

Поврзани новости