Се уште без договор за директорот на ОТА и главниот државен ревизор

by fokus

Работните групи на парламентарните партии се уште не постигнале договор за тоа кој ќе биде директор на ОТА, но несогласувања имало и за главен државен ревизор.

Овие две точки, но и оние за избор на членови на Комисијата за конкуренција, на Одборот на државната награда 23 Октомври и за измена на составот на Буџетскиот совет на Собранието едногласно беа ставени последни на дневен ред на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата. Дека нема договор за директорот на ОТА и главен државен ревизор потврдуваат и пратениците и од владејачкото мнозинство и од опозицијата.

За директор на ОТА се пријавиле 14 кандидати додека на огласот за главен државен ревизор имало 12 пријавени. Најголема поддршка, според информации од владејачкото мнозинство, има Тања Тасевска вработена во државната ревизија.

Од 1 септември пратениците од внатрешноста на државата ќе можат да бираат дали ќе патуваат секој ден на работа со автомобил, за што со одлука на Комисијата денеска беа намалени средствата за патни трошоци од 30 на 20 отсто, или да користат стан, што ќе го изнајмува Собранието. Во одлуката што денеска беше едногласно усвоена од страна на Комисијата се наведува дека наемнината за станот може да биде најмногу до 400 евра, а предвидени се и 100 евра за режиски трошоци. Се над тоа пратеникот ќе мора сам да надокнади. Промени ќе има и во сметките што треба пратениците да ги доставуваат до собраниските служби.

Поврзани новости