Се собираат граѓани пред Кривичниот суд каде што ќе им се суди на обвинетите за „крвавиот четврток“

by fokus 09:46
09:46

Поранешниот министер Митко Чавков, денеска заедно со уште 29 обвинети за насилството што се случи во Собранието на 27 април 2017 година, за прв пат ќе седнат на обвинителна клупа, во Кривичниот суд, каде што треба да започне судењето за овој случај.

Пред судот во моментот се собираат граѓани, кои сакаат да им дадат поддршка на обвинетите. Дел од граќаните со себе носат македонски знамиња, а дел пароли. На една од нив пишува: „Слобода за нашите браќа патриоти“.

- Advertisements -

Покрај Чавков во овој случај обвинети се и пет пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Крсто Мукоски, Сашо Василески, Јохан Трчуловски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов, водачите на здружението „ За заедничка Македонија“, и други граѓани. Тие се обвинети за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на државата, а предметот ќе го суди судијката Добрила Кацарска.

По речиси една година од влегувањето на насилниците во законодавниот дом, Обвинителството поднесе обвинителен акт против 30 лица. Обвинението во судот ќе го брани обвинителката од организиран криминал и корупција Вилма Русковска. Обвинение е покренато против лицата за кои Обвинителството обезбедило докази дека учествувале во упадот, но нарачателот и организаторот се уште не се откриени. На прес-конференцијата на која обвинителот Љубомир Јовески соопшти дека е покренато обвинение не откри кој е нарачетелот на крвавиот четврток, но рече дека истрагата утврдила дека во упадот биле вклучени и непознати лица. Од Обвинителството велат дека предметот е сè уште во предистражна постапка.

фотографија: Томислав Георгиев

Поврзани новости