Се скратија наградите на Фолк Фест Валандово, за да нема кавги и корупција!

by Fokus

По пауза од две години, за време на викендот повторно ќе се одржи популарниот Фолк Фест Валандово. Триесет и третото издание на манифестацијата ќе се случува на 24 – ти и 25 мај, односно во четврток ќе следи ревијалната вечер, а пак во петок натпреварувачката, на која ќе бидат изведени 19 песни.

Ќе настапат повеќе имиња од фолк естрадата, помеѓу кои Благица Калева и група Модус, Кате и Нели ти реков, Мишко Крстевски, Благоја Грујовски, Мерима Његомир, Сани Гроздановска, Ивана Серафимовска, Далибор Ѓошиќ и други. На фестивалот ќе има многу новини, од начинот на гласање, па се до кратењето на буџетот за наградите. Во одлуката за наградите со 60 проценти ќе учествува жирито, а 40 отсто публиката. Овојпат се враќа и учеството на публиката во наградување на композициите.

Износите на наградите се драстично намалени од претходно и ќе бидат оптимални и единствено од почит кон авторите. Првата награда ќе биде 1.500 евра, втората 1.000 евра и третата 750 евра. Сумите од 10.000 евра и слично, кои на некој начин предизвикаа раздор помеѓу пејачите учесници, но и обиди за корупција и измами со телевоутингот, заминуваат во историјата. Жирито ќе има седум члена, а се исфрла телевоутингот како начин на гласање. Во периодот на гласање свој настап ќе има босанската фолк ѕвезда Ханка Палдум со нејзиниот бенд.

Вики Клинчарова

Поврзани новости