Битолскиот рок – панк бенд ,,Паркети” по 34 години кариера, ќе одржи концерт во Младинскиот културен центар во Скопје. Настанот ќе се случува на 26-ти април, а влезниците по цена од 400 денари се пуштени во продажба.
Од бендот ветуваат незаборавно доживување за публиката, во нивниот препознатлив, енергичен стил. Ќе имаат голем број на музички гости, помеѓу кои Димиш, „Д Далтонс“, Зоки Агресор, Сеад Хаџиќ-Сецко, Сашо Поповски, Донплеја, Александар Ристовски-Принц и други.
Инаку, групата е формирана во 1991 година. Зад себе имаат голем број на хитови, а освен нумерите со љубовна тема, на репертоарот им се застапени и песните кои ги допираат социјалните теми.
Два пати си ја пробаа среќата на домашниот избор на песна за Евровизија, и тоа со песните „Strawberry“ и „Ти си киси феномен“ и во 2010 година кажаа дека никогаш повеќе нема да учествуваат на изборот.
Околу тоа како бендот го добил името, во постаро интервју вокалистот Сашо раскажуваше дека морале да изберат име во брзање, ден пред да ја снимат првата песна. Не можеле да се договорат, па некој од групата на шега рекол, ајде да се викаме регали, корнизи, плакари, паркети…
Името Паркети го прифатиле како на шега, уверени дека ќе биде само привремено, додека не смислат друго. Но, и по 34 години на сцената, го задржале истото име, но и публиката, која од сите генерации во голем број доаѓа на нивните настапи.
Вики КЛИНЧАРОВА