Се разгледува можноста Весел Мемеди да биде исклучен од владата?

by Фокус

Владините коалициски партнери ја разгледуваат можноста НДП на Весел Мемеди да биде исклучена од владата, објави телевизијата Алсат М. Мемеди ниту ги потврдил ниту ги демантирал ваквите информации.

Инаку, тој беше избран за пратеник на последните парламентарни избори како дел од коалицијата наречена Алијанса за Албанците составена уште од Унитети на Гзим Острени и ДР-ДПА на Зијадин Села.

После изборите, предизборните партнери се скараа, така што Села формирше нова партија со називот на коалицијата, додека Мемеди и Острени настапија заедно на локалните избори, освојувајќи незначителен број на гласови.

Во рацете на НДП е министерството за локална самоуправа, со кое министерува Сухејл Фазлиу, кое, според одредени информации, може да го презеде Села при нова распределба на ресори, кога ќе се пополнуваат испразнетите места во ресорите здравство и образование.

Доколку Мемеди навистина биде исклучен од владата, не би имало никаков проблем за парламентарното мнозинство, кое и покрај тоа што е тенко, може да си дозволи „луксуз“ за жртвува еден пратеник, особено откако поддршка за мнозинството најави пратеник на ГРОМ, а такви најави стигнуваат и од други опозициски партии.

Медиумите објавија дека Мемеди бил опфатен во рамки на истрагата за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста на 27 април, при што полицијата извршила претрес во неговиот дом и му го одзела мобилниот телефон, но тој негираше вмешаност во крвавите настани.

Поврзани новости