Се проширува истрагата за пожарот: Се вршат претреси во кафулето на сопственикот на дискотекета во Кочани

by Fokus

Проширена е истрагата за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани. Полиција утрово врши претреси и во другите објекти кои се во сопственост на газдата на дискотеката Пулс.

Според информациите, полицијата влегла во кафулето Класик и во службените простории на Државниот пазарен инспекторат во Кочани.

„Во текот на вчерашниот ден и денеска истражните тимови на Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи координирано преземаат дејствија за обезбедување докази во истрагата во врска со трагичниот пожар во Кочани.

Извршени се претреси на пет локации во Кочани и во Скопје, при кои се одземени дополнителни електронски уреди и други докази за кои се издадени наредби за вештачење. Извршени се и распити на лица кои би можеле да имаат определени сознанија“ соопшти обвинителството.

Како што се додава, во текот на денот, Јавното обвинителство ќе издаде наредба и до Управата за финансиска полиција за преземање определени дејствија поврзани со материјалното работење на повеќе правни субјекти, осомничените и други лица.

Веста за проширувањето на истрагата ја потврди утрово и премиерот Христијан Мицкоски.

„Досега статус на осомничени добија 34 лица. Но ќе повторам, тука нема да застанеме, случајот ќе се проширува“, рече Мицкоски.

Во врска со трагедијата во Кочани, во која загинаа 59 лица, осомничени се 27 физички, три правни лица и седум полициски службеници од Штип и Кочани. На сите осомничени им е одредена мерка 30-дневен притвор, освен на тројца од нив кои во моментов се хоспитализирани.

Поврзани новости