Се пријавуваат само 15 отсто од случаите на семејно насилство

by fokus

Бројот на случаи на семејно насилство што се пријавува во земјава е околу 15 проценти од реалната бројка. Тоа се должи најчесто на економската немоќ на жртвата поради која е приморана да молчи или ако се осмели да се пријави, повторно да се врати кај оној што го извршил насилството. Во случај на пријава пак, надлежните институции се соочуваат со голем број проблеми и предизвици како што се недостаток на докази или повлекување на пријавата од страна на жртвата, или пак пријавување на дела кои или се застарени или поради тоа што се случило во минатото не е можно да се докажат. За подобро сузбивање на оваа појава, меѓу другото, потребно е заострување на казните, размислување за квалификација на семејното насилство како посебно кривично дело, тоа да се гони по службена должност.

Ова се дел од ставовите на учесниците на денешната завршна конференција за промоција на финална анализа во рамки на проектот „Евалуација на стандардите за фер судење и пристап до правдата во судски предмети за семејно насилство и криминал од омраза“, во чии рамки биле спроведени повеќе активности, меѓу кои мониторинг на судски постапки од област на семејно насилство и криминал од омраза, увид во правосилни судски предмети од област на семејно насилство, анонимизирање на правосилни судски пресуди во Основниот кривичен суд во Скопје.

Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска, која учествуваше на конференцијата, истакна дека насилството во семејството претставува еден од најсериозните проблеми на денешницата и затоа, како што рече, кон негово решавање се пристапува енергично, темелно и одлучно. Таа потенцира дека многу од предизвиците на кои се упатува ќе бидат надминати со примената на новиот закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејното насилство, кој е во финална фаза во собраниска процедура. Апелираше на поголема свеснсот за овој проблем и пријавување, бидејќи, како што рече, само 15 проценти од случаите се пријавуваат.

-Со новиот закон се регулира постапувањето на институциите со должно внимание при заштитата на жените од сите форми на родово-базирано насилство и жртвите на семејно насилство, меѓусебната координација на институциите и организациите, мерките за превенција од родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство, собирањето податоци за родово-базираното насилство врз жените и семејното насилство, како и брзо и ефикасно постапување на институциите, посебно судот во постапување и изрекувањето итни и на привремени мерки за заштита, рече таа.

Поврзани новости