Се поставува монтажен шатор за ковид пациенти во кумановската болница

by fokus

Почна поставувањето на монтажен шатор во кругот на општата болница Куманово кој ќе се користи како дневна болница каде ќе се примаат пациенти заболени од Ковид 19, кои примаат терапија, а се на домашно лекување потврди денеска, директорката на кумановската болница Снежана Захариева.

Претходно и пратеникот во Собранието, Мартин Костовски објави дека шаторот се поставува во заедничка координирана акција на Министерствата за здравство и за одбрана.

-Шаторот се поставува привремено додека да се изгради монтажната ковид болница. Ќе се користи за дневна болница на пациенти коишто примаат терапија и си одат дома. Тие се задржуваат кратко, најмногу еден час. За да може да се ослободат капацитетите на инфективниот оддел, таму е тесен просторот и во амбулантите и во чекалната и во дневната болница, за да може и таму да се пружи помош на пациенти кои одат за преглед и евентуално за примање на терапија за првпат, рече Захариева.

Пратеникот во Собранието, Мартин Костовски од СДСМ испрати повик за волонтирање во болницата и кажа дека тој прв се јавува.

Претходно, Захариева, информираше дека има вкупно 67 пациенти на болничко лекување и на инфективното одделение и во новиот Ковид 2 центар, односно постоечкото, преадаптирано психијатриско и невролошко одделение.

Поврзани новости