Се подготвува Штипска пастрмајлијада 2016: Посетители лани поради Цеца завршија во канал, белким Здраво Чолиќ нема да им биде малерозен

by Fokus 17:40
17:40

Општина Штип се подготвува за десеттата по ред манифестација ,,Штипска пастрмајлијада 2016,, која што ќе се одржи на 16, 17 и 18 септември. Драган Ристов, советник за односи со јавност во општината, веќе ги најави големите музички ѕвезди кои што ќе ги забавуваат гостите за време на манифестацијата.

На шеснаесетти септември ќе настапат Ристо Самарџиев, Александра Јанева, Момо Николовски, а како главни ѕвезди, составот Ју група. На седумнаесетти ќе настапат Силви Бенд, Куртиш Бенд, Јордан Митев и Рибља Чорба, а пак на осумнаесетти, во недела, Антонија Гиговска, Мартија Станојковиќ, Мартинијан Кириловски, HQ бенд, и главната ѕвезда на целокупната манифестација, Здравко Чолиќ.

Буџетот за настанот изнесува 1.2 милиони денари, а како што извесуваат од општината, музичките ѕвезди доаѓаат благодарение на пријателите, односно на спонзорите на манифестацијата, помеѓу кои се ,,Скопско,, ,,Кит – Го,, ,,Тера маркети,, ,,Брилијант,, винарија ,,Далвина,, и ,,ЕАМ,, Штип. Лани, за време на пастрмајлијадата настап имаше балканската фолк ѕвезда Цеца Ражнатовиќ. Освен по многубројната публика, настанот остана запаметен и по непријатната случка, кога брачен пар од Неготино, за време на концертот пропадна во канал за атмосферска вода, длабок околу метариполовина, во близина на стадионот во Штип и заработи тешки повреди, набиеници, контузија, изместени зглобови и потрес на мозокот.

Покрај несреќните неготинци, во каналот пропаднале уште три-четворица минувачи и двајца гости кои што седеле на маса во угостителскиот објект, откако попуштиле бетонските плочи поставени врз каналот, а врз кои што биле ставени масите за гостите. Потресени од настанот, тогаш тие најавија тужба против општината, поради пропустот кој што им ги загрозил животите, но со тек на време се откажаа од намерата да бараат одоговорност.

Ставот на Илчо Захариев, градоначалникот на Штип по повод настанот беше дека општината нема никаква одговорност, туку се виновни угостителите кои што знаеле дека се работи за канал покриен со бетонски плочи и не било дозволено да се поставуваат маси врз него. И оваа година, исто како и лани, угостителите имаат свое тело кое е координирано од Емил Попадинов од хотел ,,Изгрев,,. Откако лани поради Цеца завршија во канал, на гостите им преостанува да се надеваат дека годинава истото нема да им се случи и поради Чолиќ, и дека надлежните навреме ќе ги превземат сите мерки за безбедност на посетителите чиј што број се очекува да биде неколку десетици илјади.

Вики Клинчарова

Поврзани новости