Се пишуваат обвиненијата за случаите на СЈО „Поштенска банка“, „Лидери“ и „Тарифа 2“

by fokus

Трите истраги за случаите „Поштенска банка“, „Лидери“ и „Тарифа 2“, кои пред повеќе од две години ги отвори згаснатото СЈО,  наскоро ќе се заокружат со обвинение.

Од Обвинителството за „Фокус“ потврдуваат дека истрагите за овие предмети се завршени и во тек е поготвување на обвинителните акти.

Предметот „Лидери“, е инспириран од телефонски разговор на двајцата лидери и некогашни коалициски партнери Али Ахмети и Никола Груевски, но тие не се осомничени. Кривично се гони само еден инвеститор, кој е осомничен за дивоградба на објект спроти Американската амбасада во Скопје.

Обвинението веќе се пишува и за „Поштенска банка“. Кога СЈО уште во 2018 година го презентираше овој случај, соопшти дека станува збор за финансиска истрага која опфаќа повеќе поврзани настани со кои се сторило кривичното дело перење пари и во периодот од 2001 до 2010 година била прибавена имотна корист од околу 5 милиони евра. Меѓутоа, по проширувањето на истрагата во 2019 година, неофицијалните проценки се дека се испрани 8 милиони евра.

Во соопштението на СЈО од 13 ноември 2018, како осомничени беа наведени девет лица: Коле Смилевски, Томе Главчев, Ратко Димитровски, Викица Поповски, Георги Каратолис, Кирил Јаневски, Зоранчо Митровски, Ристо Милев и Златко Ѓорчев.

Истрага за „Тарифа 2“, пак, е всушност продолжение на истрагата „Тарифа“ и во неа повторно е осомничено лице кое е обвинето во претходната, под сомнение за злоупотреба на службената положба при имплементација на ЕРП софтвер во АД ЕЛЕМ.

Повеќе за овие, но и за судбината на останатите десетина истраги отворени од СЈО, прочитајте во најновиот број на неделникот „Фокус“.

Валентина Вурмо

Поврзани новости