Се отстрануваат дивите платформи, повторно се гледа брегот на Охридското Езеро

by Fokus

Сопствениците на угостителски објекти од стариот дел на  Охрид, како што  беше најавено, викендов ги отстрануваат платформите поставени на брегот на Охридското Езеро. После повеќе од две децении повторно може да се види брегот на езерото на потегот од Ј’но до Канео, откако беа отстранети штиците на платформите што десетина метри беа влезени над самата крајбрежна линија.

Од охридската локална самоуправа најавија дека општинските инспектори ќе вршат контроли на активностите на угостителите кои самоиницијативно почнаа да ги отстрануваат платформите, согласно со доставените решенија за извршување. Притоа беше нагласено дека доколку не се постапува согласно најавеното, општината ќе продолжи да ги извршува активностите за отстранување според предвидената динамика.

Откако инспекторите се уверија дека угостителите ги исполнуваат најавните ветувања за уривање на платформите, тие се повлекоа, заедно со работниците од фирмата што беше тендерски одбрана за уривање на дивоградбите.

Градоначалникот на Охрид Константин Георгиески во изјавите дадени претходно истакна дека целосно ќе бидат отстранети сите платформи на езерото, како во градот така и на плажите долж крајбрежјето, но најави дека ќе се уриваат и делови од терасите на објектите, а не само платформите.

 

Поврзани новости