Се одржа осмиот Марш на толеранцијата

by fokus

Хелсиншкиот комитет за човекови права , по повод Меѓународниот ден на толеранцијата, 16 ноември, денеска го организираше осмиот Марш на толеранцијата. Со слоганот „Омразата е слабост“, активисти од повеќе невладини организации денес маршираа низ центарот на Скопје.

„Наспроти таквата ризична динамика за сиромашните, Ромите, ЛГБТИ луѓето, луѓето со попреченост, бегалците, припадниците на помалобројните етнички заедници, постојано се искористувани за политичките секојдневни судири и се жртви на истите, при што принципот на еднаквост на сите граѓани на Република Македонија повеќе не е валиден и уставно загарантиран принцип. Тоа подразбира дека припадниците на овие ранливи и маргинализирани групи, постојано се изложени на насилство, кон нив е користен говор на омраза и тие се цел на дела од омраза. Оттука, со тоа што нивните фундаментални карактеристики се нападнати токму преку овие негативни трендови – на говор на омраза и дела од омраза – од овие групи и поединци се прават места на повреда, и некои идентитети се вреднуваат повеќе од некои други идентитети“, велат организаторите.

Маршот беше поддржан од организациите- членки на Платформата против говор на омраза, ЛГБТИ Центар за поддршка, Фондација „Метаморфозис“, „Пактис“, Македонски институт за медиуми, „Цивил“, Младински образовен форум и „Мултикултура“. Тие се спротивставуваат на културата на неказнивост и ги повикуваат надлежните државни институции: Министерството за внатрешни работи, јавните обвинителства и судовите да преземат итни и неодложни мерки за гонење и санкција на говорот на омраза.

Поврзани новости