Се обединија фракциите во ВМРО-ДПМНЕ, за Конгресот да не биде повторно приватна забава на Груевски

by fokus 12:06
12:06

Членови на Иницијативата за реформи на ВМРО-ДПМНЕ и на ФРОДЕМ денеска на прес конференција објавија дека се обединуваат и дека ќе формираат ново тело за демократизација на партијата. Новото тело ќе дејствува во рамки на партијата, а во него ќе членуваат сите оние кои не се незадоволни од партиското раководство. Членовите се изрични дека нема да биде формирана нова партија.

Ова окрупнување на фракциите во ВМРО-ДПМНЕ му претходни на Конгресот кој треба да се одржи на 23-ти декември, а на кој треба да се избере нов лидер. Љупчо Алековски од ФРОДЕМ вели дека нема да му биде дозволено на Груевски повторно да си направи приватна забава од Конгресот.

- Advertisements -

-Ние бараме да има демократски избор на кандидати за членови на Конгресот кои на демократски начин ќе бидат избрани од месните и општинските комитети. Само на тој начин членовите ќе ја изразат својата волја, за да не се повтори приказната од претходниот Конгрес, што беше еден вид приватна забава на Никола Груевски – изјави Алексовски.

Реформистите велат дека се уште немаат официјален став како ќе настапат на Конгресот и дека истиот ќе го соопштат на 17ти декември.

Тврдат дека во нивните редови се наоѓаат и делегати кои имаат право на глас при изборот на партиски лидер.

-Ова е прв чин на обединување, што за македонски и за вмровски услови е голем исчекор. Самото обединување и окрупнување на демократските сили ја зголемува нашата моќ и членството за да можеме да делуваме – рече Александар Коневски од Иницијативата за реформи.

Иницијаторите ги повикаат незадоволните партиски членови да им се придружат во движењето за реформи на партијата.

-ВМРО-ДПМНЕ има сила во своите редови за демократски капацитет и надминување на состојбите кои ќе гарантираат евро-атланската иднина на државата. Ги повикувам останатите демократски сили, кои не се задоволни од атуелното раководство и водење на партијата во погрешен правец, да се приклучат и со заеднички сили да ја извадиме партијата од оваа несакана ситуација – порача Алексовски.

Новоформираното тело, додаде тој, ќе биде врзивно ткиво на партијата, носено од принципот и идејата за демократија. Тие бараат промена на постоечкиот статус со цел изборот на сите тела и органи, како и изборот на претседател на партијата, да потекува од општинските и месните комитети.

 

Поврзани новости