Се испокарале набљудувачи на гласачко место, интервенирала полицијата

by fokus

Набљудувачи од две различни партии се испокарале на гласачко место во општината Чешиново Облешево, поради што морала да интервенира полицијата, информираат од невладината организација МОСТ.

Според информациите на МОСТ кавгата меѓу набљудувачите настанала кога еден од нив обвинил друг дека им асистира на гласачите каде да гласаат, односно во која просторија да гласаат.

„Во расправијата се вклучиле и други претставници на кандидатите кои што биле пред гласачкото место по што интервенирала полицијата, ги легитимирала двајцата набљудувачи и ги отстранила од пред гласачкото место. За време на настанот гласањето се одвивало без проблеми“, соопштија од МОСТ.

Од евидентираните нерегуларности со последниот пресек од таму издвојуваат дека на гласачко место во Куманово гласач сакал да го напушти гласачкото место без да биде обележан со невидливиот спреј. Била повикана полиција и со нејзина асистенција гласачот бил обележан со спреј.

Во Прилеп, пак, околу 13:30 часот, во период од 10 минути двајца членови на избирачкиот одбор биле отсутни при што набљудувачи на кандидатите ги обележувале гласачите со спреј.

Според податоците добиени од ПВТ програмата на МОСТ (паралелно сумирање на гласовите), која претставува математичко-статистички научен метод, одѕивот на гласачите до 14:00 часот е 26,3%, до 15:00 часот е 30,6%, додека до 16:00 часот е 34,8%.

Поврзани новости