Се е отидено

by Fokus

Не е потребно ниту многу памет, ниту многу познавање, па да утврдиш дека постојат двојни аршини, политички влијанија и клиентелистичко полтронски однос на третата власт кон извршната

 Пишува Звонко ДАВИДОВИЌ

Овде стварно луд ј….. збуњеног, што би рекле нашите северни соседи. За жал, капацитетите во институциите за ментално здравје се ограничени, па не е можно сите ниту да се сместат. И што се повисоко на државните или општествените позиции, толку повеќе се со паметот „отидени“.

Нема ден да не се увериме во тоа, доволно е да слушнеш вести десетина минути, да свртиш два-три листа од кој било весник, да прочиташ пет-шест статуса и веднаш ти е јасно каква е менталната состојба на бившите или сегашни функционери.

Прочитав дека според последното истражување, најголема доверба граѓаните имаат во  армијата, претседателот и религиозните институции, а најголема недоверба во судството и обвинителството.

ПОРАЗИТЕЛНИ РЕЗУЛТАТИ ВО АНКЕТИТЕ

Ако внимателно ги погледнете бројките  многу лесно ќе заклучите дека резултатите се поразителни и генерално негативни, односно 69 отсто од граѓаните не му веруваат на претседателот, 70 отсто не им веруваат на религиозните институции, а дури 87 отсто од граѓаните сметаат дека полицијата е партизирана и извршува и штити партиски интереси.

Рекордни 92 отсто од граѓаните не им веруваат на судството и на обвинителството. А, сите челници на овие институции мртви-ладни излегуваат пред телевизиските камери и „млатат празна слама“, постојано удирајќи се во градите колку се тие стручни, вредни, колку сработиле, како се праведни и го применуваат законот до последна буква кон секого. Но праксата покажува нешто друго.

Обвинителството  и судството се толку исполитизирани и полтронски устроени што не можат веќе ни самите да се препознаат и да ги детектираат внатрешните катастрофални состојби. Народот гледа и следи што се случува. Не е потребно ниту многу памет, ниту многу познавање, па да утврдиш дека постојат двојни аршини, политички влијанија и клиентелистичко полтронски однос на третата власт кон извршната.

Премиерот излегува и реферира за истраги, дели и лицитира казни за предмети во тек, прави закони и закончиња за амнестија заради пратенички гласови, определува кој ќе ја води истрагата, нашето обвинителство или меѓународен тим. Тврди дека знае детали за грозоморното убиство на Смилковско езеро, па се прави недоветен потоа, јавно излегува и брани типови од својата клика, против кои се води истрага или е подигнато обвинение.

Се прават политички пазарења со  сериозни судски предмети кој како ќе се повтори или како да не се води. На сето тоа обвинителите се кревељат на малите екрани и продаваат демагогија.

Во една сообраќајка со жртви – условна осуда и покрај тоа што возел ко луд, во друга, ослободителна, а во трет предмет, каде што полицаец по наредба на командирот со ротација и сирена вртел накај Собрание од булеварот „Свети Климент Охридски“ и моторџија кој е телесно повреден и кој не застанал и покрај тоа што сите возила стоеле, полицаецот правосилно осуден на 1,5 година затворска казна, за сообраќајка во која нема жртви , а има возило со првенствено право на минување.

Врховниот суд се занимава со ставови и ставчиња кои се смешни и најчесто спротивни на законот, но нарачани се за нечија потреба и употреба.

ЛОША КАДРОВСКА ПОЛИТИКА

Министерот за правда ќе воведува нови кривични дела што ќе ги измисли, а постојните кои ја регулираат истата област со децении едноставно изгледа не ги бендисува.

Секојдневно луѓе со полно име и презиме посочуваат луѓе на функција, често и правосудна функција, кои добиле или побарале мито, како ургирале или средувале предмети, притвори, а ваму истите тие водеа предмет „ Ликвидација“ без било каков доказ. Зошто сега обвинителството не преземе дејствија по допрен глас, што во конкретниов случај е, допрено писмо, или веќе процениле дека нема дело, затоа што самите се инволвирани.

Од 9 генерали, тројца се сменети од должност со указ на Претседателот, но затоа што не добиле нато сертификат со степен строго доверливо, а имаат национален сертификат со степен државна тајна. Истиот орган и истите луѓе ги издаваат и едниот и другиот сертификат, па излегува дека кадровската политика на претседателот му ја кројат капетани и поручници, а истите им ја кројат судбината на генералите.

Бивши претседател на суд се занимава со праќање на пораки со недолична и невистинита содржина од телефони кои се водат на друго име и чиј идентитет и лични податоци ги украл и злоупотребил, а некогаш таква будала правораздавала.

Е, тоа ти се типови кои управуваат или управувале со институциите на државата и токму затоа ни е државата иста таква како нив – „отидена“ и токму затоа граѓаните немаат доверба во истите.

Поврзани новости