Се чека ред за тестирање за Ковид-19 во Тиквешијата!

by Fokus

Дневно земаме по околу 30 бриса, тоа е максимумот којшто можеме да го постигнеме, иако се случува да се јават многу повеќе лица. Има многу граѓани со симптоми кои бараат тестирање за Ковид-19 изминатиот период, препорака е да се изолираат и да ја примаат терапијата препорачана од матичниот, доколку веднаш нема слободен термин за земање на брис – појаснуваат од Центар за јавно здравје Кавадарци, по реакциите на граѓани кои тврдат дека се чека со денови за тестирање.

Вирусот во Тиквешијата не стивнува, и изминатите денови редовно се регистрираат нови случаи од Кавадарци и од Неготино. Денес има четири позитивни случаи од Кавадарци и еден од Неготино. На возраст се од 35 до 59 години, сите се со симптоми, а само еден од нив навел контакт со веќе позитивен пациент, другите не кажувале од каде се заразиле.

Актуелни се реакциите на граѓани кои поради одредени симптоми сакаат да се тестираат, но бидејќи не сакале да чекаат и по неколку дена поради потполнетите термини, морале да го направат тоа на приватно.

-Закажавме тестирање во приватна клиника во Скопје. Дента ни беше земен брис, вечерта до кај 20 часот го добивме резултатот. Голем стрес е да се чека со денови за слободен термин, за тестирање на товар на ФЗОМ, затоа си плативме на приватно. За среќа, негативни сме – ни изјавија сопружници од Кавадарци.

Појаснуваат дека услугата ја платиле околу 100 евра од лице, бидејќи сакале да го добијат резултатот истиот ден, додека за добивање на резултат по два дена се плаќало околу 4.000 денари.

И од Неготино цело семејство ни открива дека се тестирале во Скопје, на приватна клиника, бидејќи сакале што е можно побргу да дознаат дали се позитивни на вирусот.

-Да се има сомнеж дека си позитивен и да треба да чекаш за земање на брис со денови е навистина голема неизвесност. Затоа закажавме на приватно, во точно утврденото време ни беше земен брис на пунктот во приватната клиника во Скопје, резултатите ги добивме по електронски пат истата вечер по 20 часот. Трошок е, но кога има мака човек, ќе бара алтернатива – велат тие.

Голем е бројот на граѓани кои не се во можност на приватно да си го платат тестирањето, па мораат да се стрпат и да чекаат слободен термин. Во меѓувреме, не им преостанува ништо друго, туку да ги следат препораките на матичните лекари.

Вики Клинчарова

Поврзани новости