Се чека експерт од Шкотска за да утврди алкохол во пијачките на Диме Спасов!

by lali

По вчерашниот инцидент, за кој јавуваат голем дел од медиумите, Дополнителниот заменик министер за труд и социјала, Диме Спасов вечерва учествувал во сообраќајка во која, според неофицијалните информации од МВР со службен автомобил џип туарег било удрено во неколку паркирани возила на улицата Алжирска во скопски Карпош.

Како што претходно објави Телма, во туарегот имало уште едно лице, девојка која останала на местото на несреќата. Според нивните информации, функционерот бил пијан и си заминал од местото, а џипот со кој управувал е автомобил на Агенцијата за вработување. Во автомобилот останал неговиот сопатник, а заедно со министерот заминала и одговорноста.

Очевидци тврдат дека додека Диме возел и ги удирал автомобилите од неговиот џип ечела песната од Плави оркестар “боље бити пијан него стар”! Останува нејасно дали заменик министерот ќе биде казнет од МВР затоа што возел во алкохолирана состојба и предизвикал материјална штета или ќе биде казнет од ДПМНЕ затоа што слушал песна од бенд кој во името ја носи плавата боја, нешто што е спротивно од идеологијата на партијата.

Во меѓувреме, Диме Спасов ги негираше ваквите информации и најави тужба за медиумите кои извршиле нарушување на неговиот углед. По барање на Чавков е повикан и експерт за алкохол од Шкотска кој ќе уврдува дали имало алкохол во пијачките на министерот. Ако тоа се потврди како точно, се очекува покрај тужбите за медиумите, Диме Спасов да ги тужи и производителите на алкохолни пијалоци затоа што ставиле алкохол во нивните производи. Паркираните автомобили веќе презедоа одговорност за сообраќајката и против нив ќе биде поднесе кривична пријава за прописно паркирање и провоцирање од лице место во услови кога министер поминува покрај нив.

Напомена: Вестите се полуизмислени и сатирични и служат како пародија од моменталните збиднувања во државава. Но не ја исклучуваме можноста тие во иднина по некоја случајност да станат целосно реални и точни.

Поврзани новости