Се бара расправа за „Еуростандард“ во Собрание-дали таму ќе се соочат Костовски, Гувернерката и оштетените?

by fokus

Опозициските партии ВМРО-ДПМНЕ, „Левица“ и Алијанса за Албанците бараат надзорна расправа во Собранието за пропаѓањето на Еуростандард банка каде мнозински акционер беше бизнисменот Трифун Костовски. Партиите денеска до претседателот на Комисијата за финансирање и буџет, Тимчо Муцунски поднесоа иницијатива за одржување на расправа на која ќе се утврдат причините за пропаста на банката.

– Врз основана на член 21 став 1 од Законот на Собранието поднесуваме иницијатива за одржување на надзорна расправа во Комисијата за финансирање и буџет со цел да се добијат информации и стручни мислења за причините за пропаѓањето на Еуростандард банка. Иницијативата за одржување на надзорна расправа на тема „Утврдување на причините и извршувањето на законите во постапката аз доведување во стечај на Еуростандард банка бараме да ја ставите на гласање на првата наредна седница на комисијата, се вели во иницијативата.

Лидерот на „Левица“ и пратеник во Собранието, Димитар Апасиев за „Фокус“ вели дека на расправата ќе бараат задолжително да присуствуваат гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, Костовски, претставници од оштетените штедачи, стечајниот управник и други инволвирани лица. -Очекуваме да се размота клопчето околу овој „случај“ на едно повисоко парламентарно ниво, вели Апасиев.

Иницијативата за надзорна расправа на Фејсбук ја објави и пратеникот Антонијо Милошоски кој вели дека наскоро за ова ќе се откријат многу сериозни манипулации.

-Дали пропаѓањето на Еуростандард банка е македонскиот втор ТАТ – кои фирми имале корист од милионски кредити, дали овие фирми биле блиски до фамилијата на власт и колку високи функционери, членови на владата, знаеле предвреме за стечајот на банката?, напиша Милошоски.

Според Апасиев станува збор за комбинација од фактори кои довеле до стечајот. -И недомаќинско работење на одредени лица, но и потфрлање во системот на супервизија од страна на НБРМ која дозволила ситуацијата да ескалира и тактизирала со тајмингот на објавување на банкротот (намерно не пред избори, за да шокот не влијае врз изборниот резултат на владејачката партија), вели Апасиев.

Токму на неговата партија „Левица“ и останаа заглавени над 30.000 евра во банката, сите пари кои партијата ги имала добиено од редовното државно буџетско финансирање, плус членарини и донации од физички и правни лица.

Тој бара кривични пријави не само за одредени одговорни лица во банката, туку и за одговорни во Народната банка и поранешната миностерка за финансии, Нина Ангеловска која ги подигна своите пари пред пропаѓањето на банката.

Минатата недела Народната банка соопшти дека поднесува крвична пријава за поранешни одговорни лица од банката за предизвикување на стечајот, а веднаш по ова Костовски обвини дека поранешниот директор во банката, Николче Петковски работел во корист на СДСМ и извлекувал пари од банката коишто ги префрлал на фирми од струмичкиот регион. Премиерот Зоран Заев во изјава за „Фокус“ кратко само вели „Апсолутно тоа не е вистина“.

Во банката останаа заглавени депозитите на околу 700 граѓани кои имале над 30.000 евра и парите на околу 2.000 фирми. Тие сега бараат да се донесе за нив посебен закон преку кој ќе бидат обесштетени.

За целиот случај „Еуростандард“ читајте во неделникот „Фокус“.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости